Португалија со подобро изведување пенали ја елиминира Словенија


Португалската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство во Германија откако во осминафиналето во Франкфурт ја совлада Словенија со 3:0 со подобро изведување на пенали откако немаше голови во 120 минути игра.

Јунак на натпреварот беше португалскиот голман Диого Кошта, кој при пенал-рулетот ги одбрани првите три словенечки пенала на Јосип Иличич, Јуре Балковец и Бенјамин Вербич. Од друга страна, Роналдо, Фернадеш и Бернардо Силва беа сигурни релизатори од белата точка.

Во текот на натпреварот двете екипи имаа по една фантастична шанса во продолжението. Кристијано Роналдо можеше да постигне гол од пенал во 105. минута, но Јан Облак го одбрани неговиот удар. Седум минути подоцна, Бенјамин Шешко се упати кон голот на Португалија, но неговиот удар одлично го сопре Диого Кошта.

Португалија е шестата репрезентација која се пласирала во четвртфиналето по Германија, Швајцарија, Англија, Шпанија и Франција. „Триколорите“ која ја совлада Белгија со 1:0 ќе биде следниот противник на Кристијано Роналдо и друштвото. Нивниот четвртфинален судир е закажан за 5 јули во Хамбург.

Последните двајца патници во четвртфиналето ќе ги дознаеме во вторник кога се среќаваат Романија и Холандија и Австрија со Турција.

За Словенија, пласманот во осминафиналето е веќе најголемиот успех на репрезентацијата, бидејќи до ова ЕВРО, во три обида, на два мундијали и едно европско првенство, не ја минаа групната фаза. Интересно, Португалија во осумте настапи на европските првенства секој пат ја минуваше групата, а најдалеку отиде во 2016 година, освојувајќи ја европската круна.

Словенечкиот селектор Матјаж Кек со својот проверен рецепт ги подготви своите избраници за „историскиот“ натпревар. Клучот за нивната игра во групата беше трчањето, компактноста и, пред сѐ, тимската работа. Момците на Кек беа меѓу седумте селекции кои останаа непоразени во групната фаза заедно со Данска, Англија, Франција, Германија, Шпанија и Швајцарија.

Кек и овојпат не експериментираше со составот, наместо суспендираниот Ерик Јанжа, во игра влезе Јуре Балковец. Од друга страна, Роберто Мартинез им даде шанса во групата на секој од 23-те играчи на теренот, и се обиде со различни формации, па имаше далеку поодморен состав.

Португалија очекувано притисна од првата минута, а првата шанса ја имаше во 13. минута кога Бернардо Силва упати убаво додавање во шеснаесетникот, но Бруно Фернандеш и Кристијано Роналдо беа прекратки. Словенија добро се бранеше, па Португалија имаше нова шанса дури во 30. минута, но Роналдо не ја зафати добро топката со глава. Три минути подоцна Португалија ја имаше својата најдобра шанса во првите 35 минути, со слободен удар на 20 метри. Го изведе Роналдо, за малку над пречката.

Во 39. минута се закани и Словенија, Стојановиќ се проби по крилната страна и испрати повратна топка која ја „расчисти“ Дијаш пред Спорар. Во 44. минута го видовме првиот словенечки удар кон голот, Шешко шутираше од 25 метри, но директно кон Кошта. Последната шанса во првото полувреме Португалија ја имаше во 45. минута, Палиња шутираше од 16 метри, веднаш до стативата.

Португалија доминираше во првото полувреме со 65 проценти посед на топката, но со само еден удар кон противничкиот гол. Од друга страна, Словенија одлично се бранеше, барајќи можности од контри и полуконтри.

Избраниците на Мартинез одлично влегоа во вториот период и имаа добра шанса веќе во втората минута. Кансело одлично додаде по крилната позиција, ја уфрли топката во шеснаесетникот, словенечката одбрана го одби првиот напад, но топката се одби до Бернардо Силва кој од десетина метри шутираше над голот.

Во 55. минута Роналдо доби нова шанса од слободен удар од околу 20 метри, но Облак беше подготвен. Во 62. минута Словенија ја имаше својата најдобра шанса на натпреварот. Шешко ѝ избега од португалската одбрана, но во клучниот момент шутираше лошо.

Во 71. минута Роналдо доби трета шанса од слободен удар, овојпат од 25 метри, но исходот беше идентичен како и во првите два обида. Во последните моменти од натпреварот капитенот на Португалија уште еднаш се закани, но Облак повторно одлично реагираше, носејќи го мечот во продолжение.

Словенија ја имаше првата шанса во „дополнителни времиња“, Вербич ја освои топката, мина десетина метри и шутираше од работ на шеснаесетникот, но неговиот удар го блокираше еден од дефанзивците на Португалија. Во последната минута од првото продолжение Португалеците ја добија најдобрата можна шанса, пенал. Вања Дркушич го сопна Жота, а Орсато покажа на белата точка. Роналдо шутираше, но Облак фантастично одбрани. Тоа беше одличен момент и одлична одбрана за Облак.

Во 112. минута и Словенија доби слободен удар на 20 метри, но Иличич биеше во „живиот ѕид“. Три минути подоцна Словенија имаше „зицер“. Пепе се лизна во центарот, ја загуби топката а Шешко тргна сам кон голот на Португалците и шутираше. Топката отиде во долниот десен агол, но Кошта беше подготвен за одлична интервенција.

На крајот, одлуката беше донесена со удари од белата точка, а херој стана португалскиот голман Диого Кошта кој ги одбрани првите три словенечки пенала на Јосип Иличич, Јуре Балковец и Бенјамин Вербич. Од друга страна, Роналдо, Фернадеш и Бернардо Силва беа сигурни.

- Реклама -