Француската атлетичарка Сункамба Сила објави на социјалните мрежи дека ѝ е забрането да учествува на церемонијата на отворање на Олимписките игри во петокот во Париз, затоа што носи хиџаб, традиционална муслиманска женска прекривка.
„Избрани сте за Олимписките игри кои се организираат во вашата земја, но не можете да учествувате на свеченото отворање бидејќи носите шамија“, напиша 26-годишната спортистка.
Францускиот олимписки комитет објави дека работи со неа на изнаоѓање решение, а контактирана е дури и компанијата која ги облекува француските спортисти.
Претседателот на францускиот олимписки комитет, Давид Лапартиен, истакна дека француските олимпијци се обврзани со секуларните принципи кои важат за вработените во јавниот сектор во Франција, одделеноста на државата и религијата, што вклучува забрана за носење хиџаб.
„Можеби понекогаш тоа не е разбирливо во другите земји во светот, но тоа е дел од нашата ДНК овде во Франција. Не се сомневам дека може да се најде решение. Се надеваме дека сите ќе можат да учествуваат на церемонијата на отворањето“, ја цитираат француските медиуми изјавата на Лапартиен.
Француската министерка за спорт Амели Уде-Кастера првично ја објави забраната минатиот септември, а неколку дена подоцна Уде-Кастера, која гостуваше во француската политичка емисија „Dimanche en Poltique“, потврди дека ниту една жена во делегацијата на нејзината земја нема да носи шамија во текот на Олимпијадата во Париз.
Објавата на Сила наиде на поддршка од нејзините колеги спортисти, вклучително и членовите на францускиот олимписки тим, кои го изразија својот гнев.
Скокачката со стап Мари-Жули Бонен коментираше „Не можам да верувам“ под објавата на Сила, а колегата од штафетата Мухамед Абдала Кунта додаде „слобода, еднаквост, братство како што велат. Ве молиме споделете го ова. Ова не е нормално“.
Сила на Олимпијадата ќе настапи на 400 метри и во мешана штафета, а досега на Светските првенства во 2022 и 2023 година настапуваше со црна шамија на главата.