Штом завршив земјоделски факултет, веднаш се вработив во астрономски опсерваториум.
Како добив вака несоодветна работа, појма немам. Ваљда некој во Заводот за вработување по грешка заменил „агроном“ со „астроном“.
Се побунив, ама џабе.
„Господине“, ми рече службеникот во Заводот, „зар не гледате дека во владата министер за земјоделство ни е професор по латински, министер за здравство ни е правник, министер за правда ни е архитект…? А за директорите и да не зборуваме, имаме келнери, кебапџии, пилјари… И никој не се буни, зар не?“
Климнав со главата во знак на сложување со неговата аргументација, а тој, по малку и луто, додаде:
„Бидете среќни што воопшто сте добиле работа.“
Кога веќе бев на вратата, чув како промрмори:
„Ех, да знаев како вака брзо си ја добил работава, уште мастилото на дипломата не ти е исушено…“
Зини да ти кажам, си помислив. Не би ти кажал за ниту едни пари. Ни за тие што му ги тутнав на твојот директор во џеб. Море ни за тие кои му ги дадов на претседателот на општината, од некаква си причина.
Почнав да работам, на работа многу брзо се снајдов и сé повеќе се истакнував. Многу прецизно, попрецизно од сите свои колеги пресметав кога точно ќе се случи помрачувањето на сонцето кое требаше да се случи во блиска иднина. Како благодарност за мојата способност, шефот ме одреди токму мене да го набљудувам помрачувањето и да направам извештај за овој природен феномен.
„Ама шефе“, го потсетив, „веројатно знаете дека сите наши телескопи се одамна украдени или распродадени“.
„Знам, знам“, ми одговори шефот.
„Па како тогаш да го набљудувам Сонцето?“
„Со голи очи, Димитаре!“, викна шефот.
Пробав да му реплицирам, но тој ме прекина:
„Ова е нешто од големо значење за нашата земја, а кога се работи за таква ситуација, сите мораме да се жртвуваме. Впрочем“ – шефот ја спушти раката на моето рамо, „јас во тебе, Димитаре, имам најголема доверба.“
Полн гордост отидов на задачата. Го набљудував помрачувањето на Сонцето со ширум отворени очи, од почеток до крај. Едвај да трепнав два-три пати, и уште неколку пати што ги избришав солзите. Кога помрачувањето заврши и го одвоив погледот од Сонцето, се заледив од ужас. Забележав дека сум ослепел.
Во почетокот бев многу разочаран, но со тек на време се помирив со тоа. Во тоа ми помогна и признанието од државата во вид на ордени, и признаниците кои ми ги доделуваа различните невладини организации. На изборот за подвиг на годината, првото место ми избега за влакно. Ме претрка некој си таму пожарникар што спасувал дизајнерски мебел на еден висок функционер и останал без очи и без влакна. Ама па тогаш, како круна на сé, стигна инвалидската пензија.
Реално гледано, освен што ми помогна да го изразам својот патриотизам, помрачувањето за мене имаше и други позитивни страни. Сега веќе не ги гледам сите тие ужасни појави и настани, ни како лоповите ми ја крадат колата, ни како директорот ја пљачка фирмата, ни како ме изневерува жената. Веќе не читам весници и не гледам вести. Така значајно ги смалив трошоците за лекови за смирување, а веќе не одам ни на психијатар.
А тоа што помрачувањето ми го упропасти видот, гајле ми е. Менталното здравје е поважно од телесното.
Стаменко Димитровиќ за Opusteno