Помирување со Груевски треба да подразбира да одговара за криминалите, вели Спасовски

Најдоброто помирување ќе биде кога секој ќе одговара за своите криминали и тука нема и не треба да има компромис, за луѓе кои направија сериозни штети на државата, на демократијата, на многу процеси, мора да се сноси одговорност, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека за доброто на државата би се помирил со поранешниот премиер Никола Груевски.

Министерот Спасовски во вечерашното гостување во дневникот на Сител посочи дека единственото помирување помеѓу политичките субјекти мора да се носи врз основа на принципот на одговорност.

-Зависи што е помирувањето, јас сметам дека најдоброто помирување ќе биде кога секој ќе одговара за своите криминали и тука нема и не треба да има компромис, за луѓе кои направија сериозни штети на државата на демократијата на многу процеси во државата и за тоа се водат постапки секако мора да се носи одговорност. За мене помирувањето може да биде само на такви принципиелни основи, помеѓу политичките субјектки, помеѓу политичарите, дециден беше Спасовски.

Во однос на чекорите кои планира да ги преземе СДСМ во пресрет на претстојните избори, Спасовски рече дека периодов имало многу шпекулации и дека за тоа каков ќе биде настапот на партијата ќе зависи само од тоа како ќе се договорат внатрешните партиски органи.

-Ковачевски добро кажа, секој еден кој смета дека може да биде кандидат за која било позиција, може да се кандидира, може да е кандидат и некој надвор од партијата, но тие калкулации се беспотребни во моментов, појасни Спасовски.

Додаде дека партијата ќе анкетира граѓани за сите можни кандидати и дека за прашањето дали да се излезе со заеднички кандидат со албанските партии од владината коалиција треба да се направи првенствено добра анализа.

Посочи дека негов личен став е дека најдобро би било кога би се одржале прво претстедателските, па парламентарните избори. Според него, во случај на претстедателски избори не се исклучува можноста за коалицирање уште во првиот круг.

-Па ние имавме и во 2019 година единствен кандидат со целата владина коалиција, тоа не се ислучува како можност и сега, затоа што претседателските избори се можност да се обединат сите луѓе, не само политички партии, туку сите кои се оппределени за напредокот на државата, рече Спасовски.

Коментирајќи ја одлуката на Максим Димитриевски да формира движењето „Знам“, Спасовски кажа дека проширувањето на политичкиот спектар е добро за демократијата и не ја исклучи можната соработка.

-Се проширува политичкиот спектар и тоа е добро за демократијата, во едно општество. Сите полтитички субјеки се формираат врз основа на вредности, идеали. Јас реков СДСМ е стожерна партија, голема коалиција, со огромен потенцијал, секогаш во политиката има простор за соработка ако е тоа врз основа на заеднички идеали, истакна Спасовски.

Тој останува на ставот дека со измените на Законот за амнестија нема да биде растоварен системот на санкции, ниту ќе придонесе тој систем да е поефикасен, но оценува дека доброто е што за секој закон секогаш има простор да доживее промени.

Министерот за вантрешни работи во гостувањето во дневникот на Сите, воедно информира дека во рамки на спречувањето на криминалот со дрога и оружје и подобрување на безбедноста на децата како најзагрозена категорија секоја недела се правела контрола на училиштата, возилата, околните објекти и дека изминатите девет месеци има намалување на овие криминални дејствија за 10,7 проценти споредбено со истиот период минатата година.

МИА

- Реклама -