Полска не се согласува со идејата да го брани небото на западна Украина со својата воздушна одбрана од своја територија

Полското Министерство за одбрана ја отфрли идејата на Украина дека полските системи за противвоздушна одбрана, вклучително и противракетниот систем „Патриот“ што го има Полска, може да ја заштитат и западна Украина од руски воздушни напади.

„Во согласност со моменталната позиција на НАТО и Полска, не е можно директно да се вклучиме во вооружен конфликт на територијата на Украина. Покривањето на дел од Украина со сојузничка одбрана би барало политички договори во рамките на НАТО, што секако не би било едноставно“, одговори полското Министерство за одбрана на прашањето на полскиот весник „Жечпосполита“.

Помошникот министер за одбрана Цезари Томчик изјави за приватното радио ЗЕТ дека Полска не може да ги предаде своите батерии „Патриот“ бидејќи тие се распоредени да ја заштитат Варшава.

Прочитајте и:  Лавров: Зеленски се исплаши од одговорот на Русија

Иако полската Влада не сака ни да слушне дека презема чекори што би можеле да значат вклучување во конфликтот меѓу Русија и Украина, граѓаните се за тоа Полска да и помогне на Украина со соборување руски ракети и беспилотни летала од нејзината територија, на границата.

Вкупно 69,3 отсто од Полјаците во февруарското истражување на агенцијата ИБРИС се согласуваат дека на овој начин треба да и се помогне на Украина, 17,6 отсто од испитаниците се против, а 13,1 отсто не знаат како да се изјаснат.

- Реклама -