Половина век Михаел Шумахер

Најтрофејниот возач во историјата на Формула 1 – Михаел Шумахер, денес полни 50 години. Семејството ќе го слави не само роденденот, но и неговите успеси.

Шумахер доживеа тешка повреда на главата при скијање на 29 декември 2013-та, а оттогаш не е виден во јавноста. Поранешниот возач на Бенетон и Ферари, по повеќемесечната кома, беше префрлен во семејниот дом во Швајцарија, далеку од очите на јавноста. Малку се знае и околу напредокот во опоравувањето.

„Бидете уверени дека е во најдобрите раце. Правиме сé што е можно за да му помогнеме. Ве молиме да нé разберете, ние само ги исполнуваме Михаеловите желби и ги чуваме таквите чувствителни прашања, како здравјето, во приватност“, порача неодамна семејството на Шумахер.

Директорот на Ф1 – Рос Браун, кој му беше шеф на Шумахер во Ферари, истакна дека е во постојан контакт со сопругата на Михаел – Корина, и дека целосно се сложува со нивната одлука.

„Михаел секогаш беше приватна личност и тоа беше водечки принцип во неговата кариера и живот. Семејството секогаш се сложуваше со тој избор“, изјави Браун.

Денеска, на денот на Михаеловиот 50. роденден, семејството Шумахер ќе ја објави и официјалната апликација „Michael Schumacher“, која ќе претставува виртуелен музеј за достигнувањата на легендарниот Ф1 возач.

А кога сме на темата на успесите, Шумахер дури 7 пати беше светски шампион – два пати со Бенетон (’94-та и ’95-та), и дури пет пати со Ферари (2000-та, 2001-ва, 2002-ра, 2003-та и 2004 година).

Покрај титулите:

• победи на 91 трка од вкупно 306 стартови и моментално го држи рекордот во Ф1 со 18 победи повеќе од Луис Хамилтон.

• рекордер беше и во пол позиции – вкупно 68, сé додека Хамилтон не го надмина во 2017-та.

• Шуми е рекордер и со 15 последователни сезони во кои забележал барем една победа, од 1992 до 2006 година. Рекорд за кој на Хамилтон му фалат уште 3 сезони.

• Шуми е рекордер и со 8 победи на Големата награда на Франција, како и по 7 на ГП на Канада и Сан Марино.

• Посебно импресивен беше во 2002 година, кога на подиумот заврши во сите 17 трки во сезоната.

Официјално Шумахер се пензионираше во 2006-та, но се врати во Ф1 три години подоцна. На последната трка во Бразил, во 2012-та, Шуми имаше 43 години.

 

- Реклама -