Благодарение на одлуката на Владата полицискиот час да почнува од 23 наместо од 21 час, од утре муслиманските верници ќе можат во џамија да ја извршуваат вечерната молитва теравија, која се прави секоја вечер за време на месецот Рамазан, соопшти вечерва Исламската верска заедница (ИВЗ), пренесува „Гостивар прес“.
„Задоволство ни е да информираме дека по донесената одлука од Владата на РСМ да се скрати полицискиот час и да почнува од 23 часот од 05.05.2021 година, која дојде по подобрувањето на состојбата со пандемијата КОВИД-19, но и по разгледување на барањето на Исламската верска заедница, од утре молитвата теравија може да се прави во во џамиите. Во оваа прилика, сакаме да изразиме голема благодарност до Владата и релевантните институции кои го прифатија барањето упатено од Реисул Улема од ИВЗ Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, за да им се овозможи на муслиманските верници во нашата земја да вршат терави намаз во џамиите во преостанатите ноќи на Рамазан и со тоа уште посилно да го искусат побожноста на Рамазан“, се вели во соопштението на ИВЗ.
Оттаму додаваат дека одлуката за олеснување на мерките доаѓа и како резултат на дисциплината што ја покажале сите верници што присуствуваат во џамиите, што, според ИВЗ, дало силни индикации за посветеноста за заштита од коронавирусот.
„Апелираме до сите верници да продолжат со оваа максимална грижа, почитувајќи ги правилата за носење маски, дистанца и дезинфекција во џамиите, со цел да ги зачуваме нашите животи и оние околу нас, принцип што е основен и суштински принцип на исламот“, порачува ИВЗ.
Денешната одлука на Владата полицискиот час да почнува од 23 часот доаѓа само една недела откако Владата одлучи истиот наместо во 20 да почнува од 21 часот, а за Велигден и Рамазан Бајрам да нема забрана за движење. Неодамна, на прес-конференцијата кога за првпат беше воведен полициски час, прашан за тајмингот на воведувањето на мерката (според многу од граѓаните мерката требаше да биде воведена порано), претседателот на Комисијата за заразни болести – д-р Жарко Караџовски, инсистираше дека релевантни епидемиолошки податоци за воведување или невоведување на мерки се добиваат со двонеделна анализа.