Мерката полициски час од полноќ до 4 часот наутро да остане во сила уште две недели, предлага Комисијата за заразни болести.
Според извор од КЗБ за „Фактор“, целта е да се (до)стабилизира епидемиолошката состојба во државата и да се избегне евентуален непредвидлив тек на ширењето на вирусот.
„Сепак станува збор за респираторен вирус, кој веќе добро знаеме, може да избувне во секое време. Оставаме простор да ја држиме ситуацијата под контрола, барем додека се извакцинираат уште 100.000 граѓани“, вели изворот.
„Со ова темпо на вакцинација, тоа ќе се случи за 14-дена. Значи, за да имаме непречен процес на вакцинација, не смее да ни се случи огромен број новозаразерни на дневна основа“, додава тој за „Фактор“.
Според последните податоци од Министерството за здравство, бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава изнесува 3.452. Во болниците низ државата се хоспитализирани вкупно 490 пациенти позитивни или сомнителни на ковид.