По предлог на Комисијата за заразни болести, министерот за здравство Венко Филипче на денешниот состанок на Главниот координативен кризен штаб на Владата, предложил воведување на полициски час, информира Министерството за здравство.
Според предлогот на Комисијата за заразни болести, полицискиот час би важел од 22 до 05 часот наутро, на територијата на цела држава. Комисијата дополнително ќе одлучи за времетраењето на мерката, односно од кој ден би се вовела и до кога би била на сила.
Како што информираат од Министерството, предлогот на Комисијата за заразни болести произлегува од тоа што изминативе недели најголемиот дел од заразените се резултат на трансмисија на вирусот на собири, како и на непочитување на мерките за заштита, дистанца и негрупирање. Оттаму, анализите на Комисијата покажуваат дека непочитувањето на мерките ќе резултира со зголемен број на заразени, но и хоспитализирани.
За предлогот на КЗБ ќе се одлучува на утрешната седница на Владата.