Припадниците на МВР што ќе бидат ангажирани за утрешниот протест против пресудите во „Монструм“, да бидат соодветно опремени и да добијат соодветна заштитна опрема, побара Синдикатот на Полиција во Македонија (СПМ).
„Почитувани раководители во МВР, почитуван министер Оливер Спасовски. Како што веруваме дека и сами знаете, за утре за во 13:30 часот е најавен нов протест за случајот ‘Монструм’. Протестите во случајот ‘Монструм’ се поради пресудите за петкратното убиство на Смилковското езеро. Како што сите знаеме, последниот протест заврши со големи насилства, при што беа повредени новинари и полицајци. Протестниот марш беше сопрен пред ТЦ ‘Мавровка’ од полицискиот кордон, во чии што први редови беа поставени полицајци од т.н. ‘плава униформа’ кои што немаа соодветни средства за заштита за протести од ваков вид, односно беа опремени со безбол капчиња без заштитен шлем, со заштитни панцири без заштитна плоча, со спортски патики и слично.
Бидејќи утрешниот протест, според сегашните најави, најверојатно по ништо нема да се разликува од претходните, овој пат до Вас апелираме, припадниците кои што утре работно ќе ги ангажирате, истите да ги опремите со соодветна и комплетна заштитна опрема! Небезбедна, неопремена и незадоволна полиција, никако неможе да значи задоволни и безбедни граѓани“, порачуваат од СПМ.
Тие го обвинуваат раководството на Министерството за внатрешни работи дека досега во безброј ситуации покажало дека „грижата за обичниот полицаец е рамна на НУЛА“, а утрешниот протест, велат, е шанса истото да покаже минимум професионалност и да ги опреми ангажираните полицајци.
„Синдикатот на Полицијата на Македонија, на сите ангажирани припадници на полицијата им посакува мирна и убава смена, додека до Министерот и до одговорните јавно апелираме добро да размислат кого и како ќе ангажираат за утрешните протести, од причина што животот на полицаецот е еднакво вреден како ВАШИТЕ ЖИВОТИ, па еве Ви шанса барем еднаш кога сте јавно повикани, да покажете минимум професионалност и за утрешните протести, ангажираните припадници на полицијата да ги опремите со соодветна заштитна опрема“, велат од Синдикатот.