За утре (26.03.2021), со почеток од 13.30 часот, МВР најавува посебен сообраќаен режим во Скопје, поради најавен протест кој ќе започне од паркот во Чаир, а ќе продолжи кон Владата на Република Северна Македонија.
Од тие причини, до завршување на протестот, затворени за сообраќај ќе бидат улиците: „Христијан Тодоровски Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, „Крсте Мисирков“ и бул.„Гоце Делчев“, информираат од МВР.
Претходно, ваквите најави на МВР се однесуваа на протестите против пресудите во случајот „Монструм“. Во петок, од истата појдовна точка, се случи и протестот од пред четири недели, кој резултираше со нереди во кои беа повредени 11 полицајци и еден новинар.
Посебен сообраќаен режим по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, инаку, ќе има и од денеска, па сѐ до сабота (од 25 до 27 март). Причината, како што информира Министерството за внатрешни работи, е официјалната посета на командантот на Здружените сили на НАТО за Европа – адмирал Роберт Бурк.
Од СВР Скопје апелираат сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.