Политичката напнатост во Франција ги загрозува ЛОИ во Париз


На повик на голем бој медиуми, здруженија и синдикатик, илјадници луѓе протестираа во Париз повикувајќи да не се гласа за екстремната десница. Протестот се случува во пресрет на неделниот втор круг парламентарни избори во Франција, откако во првиот круг убедлива победа однесе крајно десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен.

– Да се бара некои од нас да гласаат за политички противник на 7 јули е тежок чин, но неопходен ако сакаме да ја спасиме нашата способност за заеднички живот, истакнаа организаторите на протестите во Париз.

Историчарот Патрик Бушерон пред насобраните граѓани предупреди дека кога екстремната десница е на власт, таа не ја враќа лесно власта, обезбедува дестабилизирање на владеењето на правото, луѓето на власт ги уништуваат јавните слободи. Тој додаде дека одговорноста на левицата е огромна.

Во Авињон, каде што се одржува еден од најважните театарски фестивали во светот, неколку стотици луѓе исто така маршираа против Национален собир.

Марин Ле Пен, по успехот во првиот круг, побара поголем број гласови во вториот, за да добие апсолутно мнозинство, но сега анкета на Харис интерактив покажа дека нејзината партија нема да освои мнозинство во францускиот парламент во вториот круг. Според таа анкета Национален собир и нејзините сојузници ќе добијат од 190 до 220 места, што е многу помалку од потребните 289 места за мнозинство. Повеќе од 200 кандидати од целиот политички спектар се согласија да се повлечат од трката за да му направат пат на кандидатот кој има шанси да го победи кандидатот за Национален собир во нивната изборна единица.

Политичката ситуација во Франција е тензична веќе неколку недели, па веќе се појавија шпекулации дека тоа може да биде причина да се откаже одржувањето на Олимписките игри во Париз. Некои сметаат дека ваквата тензична политичка ситуација што владее во Франција веќе неколку недели, може да влијае на одржувањето на Олимписките игри што треба да се одржат во Париз од 26 јули до 11 август, неполни три недели по изборите. Ситуацијата е алармантна до тој степен што некои француски медиуми, меѓу кои и влијателниот „Ле Поинт“, пренесоа информација за можно откажување на Олимписките игри што ја потресе целата земја.

Поради ова, на своите канали итно реагираше Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), кој ѝ даде поддршка на Франција, но, во соопштението прескокна некои информации.

-Ова е јасен дел од тековната кампања за дезинформации против Франција, ИОК, нашиот претседател и Олимписките игри. Ова, всушност, нема никаква основа. Претседателот на ИОК и Олимпиското движење се радува на прекрасните Олимписки игри во Париз, беше објавено на официјалниот профил на оваа организација на Твитер, без да се посочи на што точно се мисли.

Политичките тензии поврзани со парламентарните избори, кои се распишаа откако претседателот Емануел Макрон го распушти парламентот по неуспехот на европските избори, се само еден од проблемите поврзани со одржувањето на Олимписките игри во Париз. Претходно, Франција беше под притисок да дозволи учество на спортисти од Русија и Белорусија, под неутрално знаме, што исто така предизвика големо негодување во земјата.

На Олимписките игри во Париз треба да пристигнат околу 10.000 спортисти од 206 земји.

- Реклама -