Подолгото отсуство од работа ја зголемува продуктивноста, покажаа истражувањата


Поради сѐ почестиот синдром на исцрпеност, желбата за нови искуства и подобра рамнотежа меѓу приватноста и работата, работниците сѐ почесто бараат работа во компании кои нудат подолги платени отсуства, покажа истражувањето на британскиот институт Си-ем-ај, пишува „Лола магазин“.

Според резултатите од истражувањето, 53 отсто од организациите нудат можност за подолго отсуство од работа, а 29 отсто од менаџерите одговориле дека тоа воопшто не е проблем.

Во јавниот сектор и хуманитарните организации, можноста за подолго отсуство ја потврдиле 62 отсто од интервјуираните менаџери, а во приватниот сектор 44 отсто.

Истражувачите забележуваат дека продолженото отсуство од работа го зголемува задоволството на вработените и придонесува за нивно задржување на позициите каде што работат.

Овој тип отсуство трае неколку недели, но може да трае и повеќе од една година, а често се поврзува со патување низ светот, што е важна цел на милениумската генерација или желбата за нови искуства и вештини и знаења.

Вработените не го користат овој период само за пасивен одмор, туку за истражување на различни професионални цели и можности, а некои компании веќе го препознаа тоа и се трудат да ги задржат креативните и квалитетните вработени што се соочиле со исцрпеност.

Технолошкиот гигант „Мајкрософт“ е меѓу компаниите кои на вработените што работат повеќе од 10 години им нудат подолг платен одмор од вкупно 8 недели.

- Реклама -