Советникот на украинскиот претседател, Михаилo Подољак, денеска ги повика европските земји да го „затворат небото“ над Украина.
Ваквото барање од Украина доаѓа ден по инцидентот во Полска во кој проектил падна во близина на границата со Украина, при што загинаа две лица.
Подољак на Твитер напиша дека „само Русија е одговорна за војната во Украина и масовните ракетни напади“ и дека „само Русија стои зад брзорастечките ризици за пограничните земји“.
„Нема потреба да барате изговори и да ги одложувате клучните одлуки. Време е Европа да го затвори небото и за сопствената безбедност“, додаде тој.
Украина бараше „затворање“ на нејзиното небо уште од почетокот на инвазијата, но постепено се откажа откако западните земји ја отфрлија таа опција, бидејќи спроведување на забраната за прелети на украинското небо би било невозможно без директна конфронтација со Русија.