„Пропадна руската уцена со извозот на жито“, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Волидимир Зеленски, Михаило Подољак, откако Русија се врати во договорот за извоз на жито од Украина, откако го замрзна своето учество по украинскиот напад на нејзината црноморска флота во Севастопол.
Според руското Министерство за одбрана и според рускиот претседател Владимир Путин, причина за враќањето на Москва во договорот е тоа што ги добила бараните безбедносни гаранции од Киев. Но, според Подољак, Русија се вратила на договорот бидејќи, како што вели, сфатила дека иницијативата ќе функционираше и без учеството на Кремљ.
Во писмена изјава за Ројтерс, Подољак навел дека одлуката на Москва покажува дека руската „уцена“ и „ескалација и закани“ не успеваат кога ќе наидат на решителен одговор.
„На овој или оној начин Русија осрамотена се врати на иницијативата за житото, бидејќи се покажа дека коридорот за жито ќе функционираше и без учество на Кремљ. Тоа покажува само едно: Русија е секогаш инфериорна во однос на оние кои се посилни, оние кои знаат да удрат, оние кои силно ја аргументираат својата позиција“, оценил Подољак.
Товарни бродови со украинско жито претходно денеска беа блокирани во пристаништата бидејќи Москва побара гаранции за заштита на руската флота во хуманитарниот коридор во Црното Море за извоз на жито.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека „на коридорот за транспорт на жито му треба сигурна и долгорочна заштита“, нагласувајќи дека „светот мора да даде цврст одговор на секој обид на Русија да го наруши“.
„Русија мора јасно да сфати дека ќе добие остар глобален одговор на секоја мерка што го нарушува нашиот извоз на храна“, рече Зеленски, додавајќи дека тоа е „витално прашање за десетици милиони луѓе“.