Подготовки за есенскиот бран: Се формираат регионални ковид-центри во 16 општини

Градоначалниците на 16 општини во земјата го поддржале предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести, за формирање регионални „Ковид-центри“ во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови, информираа денеска од МЗ.

Овие активности, велат, се во насока на подготовка на здравствениот систем за есенскиот бран на коронавирусот, а целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19, без притоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.

Станува број за дополнителни времени капацитети, објаснуваат од Министерството, односно за монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид центри.

Работниот состанок со градоначалниците се одржал во петокот на 10 јули, преку електронска платформа, на иницијатива на министерот за здравство, а со поддршка на Заедницата на единиците на локални самоуправи (ЗЕЛС). Учествувале градоначалниците на Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Како што велат од Министерството, инфраструктурните барања се тесно поврзани со персоналот, опремата и ресурсите, и доколку истите не се стават во фокусот, тие можат да се појават како клучен ограничувачки фактор. Во тој смисол, додаваат, стратешката координација, проактивното планирање, проценката на опциите и приоретизацијата се клучни во борбата со коронавирусот.

Според Министерството, иницијативата била поздравена од присутните градоначалници и тие изразиле безрезервна поддршка и согласност да ги стават сите свои капацитети на располагање, во рамките на нивните ингеренции.

Како што велат од ЗЕЛС, градоначалниците укажувале дека и досега максимално биле вклучени во сузбивањето на здравствената криза и поддршката на граѓаните, притоа изразувајќи подготвеност да помогнат и во изнаоѓањето на најсоодветните локации, доколку тоа не може да се реализира во кругот на општата болница, (како што се слободни училишта, интернати, хотели и слично). Градоначалниците побарале и  да им бидат обезбедени дополнителни насоки, планови за проширување на здравствените капаците или предлог модели со технички спецификации за условите кои треба да ги има локацијата (пристапни влезови и излези, лифтови, дотур на вода, третирање на отпадот и слично).

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Тие изразиле подготвеност со помош на јавните комунални претпријатија да се погрижат локацијата да се доведе во прикладна состојба за да може да се постави монтажната болница, но посочиле и на потреба за поддршка од државата за евентуално „олеснување“ при реализација на правните процедури за поставување на вакви времени објекти.

Градоначалниците, исто така, укажале и на предизвиците со кои се соочувале во изминатиот период, како при спарвувањето со кризата, така и во комуникацијата со Министерството за здравство и со Комисијата за заразни болести, поради што побарале во овој период да се изработат потребни протоколи за одредени постапки што ќе треба општините да ги преземат. Станало збор и за дезинфекцијата што се врши на јавни површини и установи, односно каде, како и дали воопшто треба да ја врши општината, потоа за подршката со заштитни маски и други помагала што локалната власт ги обезбедува за граѓаните, но и за здравствените установи.

Како што велат од ЗЕЛС, била нагласена и потребата за соодветно и навремено информирање на општинските кризни штабови за состојбата на епидемиолошката карта на општините, како и дека поради реализација на низа активности од оваа област одредени општини се соочуваат со исцрпени локални буџети, што во иднина може да претставува сериозна пречка за активностите на локалните власти во насока на превенција и заштита од вирусот.

Како што информираат од Министерството за здравство, активностите за подготовка за евентуален есенски бран на Ковид-19 продолжуваат на 14 јули, кога МЗ и Комисијата за заразни болести ќе организираат состанок и со директорите на болниците во овие градови. Ќе се разговара за здравствените капацитети, како и за техничките потреби за подготовка на соодветен навремен одговор на евентуалниот есенски бран на Ковид-19 во земјава.

 

- Реклама -