Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче имаат подготвено план за проширување на болничките капацитети во 16 градови, со формирање на ковид-болници за сместување, дијагностика и тријажа на пациенти, информираше претседателот на Комисијата за заразни болести – д-р Жарко Караџовски, во изјава за „ТВ21“, зборувајќи за подготовките на здравствениот систем за есенските денови, кога се очекува коронавирусот и другите респираторни вируси, особено инфлуенцата, дополнително да ја зголемат потребата од капацитети на болниците.
„Направивме план за формирање на 16 болници, Ковид 2 болници, слични со болницата којашто ја имаме на Инфективна клиника, во коишто ќе имаме сместувачки капацитети, ќе имаме дијагностички капацитети и капацитети за надзор и тријажа, со цел да не влезе пациент во клинички центар болен со Ковид-19“, рече Караџовски.
Освен нови сместувачки и тријажни капацитети, Караџовски соопшти дека се планира и зголемување на капацитетите за тестирање, на дневна основа, за уште три нови институции:
„Значи на сегашните 11 институции за дијагностика планираме уште три нови, со цел да добиеме уште 200 до 300 брисеви дневно, за да го зголемиме за процентот на брисеви и од 1500 дневно можеби ќе дојдеме и до 2000 на крајот на календарската година“, рече Караџовски.