Под мотото „Спектакуларно непослушни“ во јуни ќе се одржи Парадата на гордоста во Скопје

„И новата владејачка гарнитура ќе сака да покаже дека оваа држава има демократски капацитети, бидејќи успешноста на една Парада на гордоста зборува токму за тоа какви се демократските капацитети на државата и колку институциите ги почитуваат правата на сите граѓани, па и на оние коишто не се мнозинство“, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права

Со мотото „Спектакуларно непослушни“ на 22 јуни годинава ќе се одржи петтата по ред Парада на гордоста во Скопје, информираа денеска на прес-конференција претставниците на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Појдовна точка на парадата ќе биде во паркот „Жена борец“, каде што во 17 часот ќе започне собирање на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици, според истата рута како и минатите години. Парадата ќе заврши со културно-музичка програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Претставници на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија

Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, рече дека очекуваат и оваа година нивото на безбедност да биде високо, како и минатите години.

„Сега се наоѓаме во една деликатна ситуација бидејќи сè уште официјално не се завршени изборите, затоа што имаше прегласување на неколку места, а Државната изборна комисија сè уште не излегла со крајните резултати од изборите и поради тоа се уште немаме официјална комуникација со Министерството за внатрешни работи за да ги започнеме подготовките околу Парадата на гордоста од безбедносен аспект. Тоа ќе го сториме кога официјално ќе бидат завршени изборите, но сметам дека и новата владејачка гарнитура ќе сака да покаже дека оваа држава има демократски капацитети, бидејќи успешноста на една Парада на гордоста зборува токму за тоа какви се демократските капацитети на државата и колку институциите ги почитуваат правата на сите граѓани, па и на оние коишто не се мнозинство“,

рече таа.

Според Кочо Андоновски, програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, парадата ќе биде еден од најдобрите и најпосетените настани во Скопје, за што, како што рече, се доказ парадите кои се одржале претходните години.

„Мотото на парадата е ‘Спектакуларно непослушни‘, непослушни затоа што сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријархатот кој нè владее доста векови. Спектакуларно како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како одбележување на јубилејот на петти Прајд. Дури и ‘Њујорк тајмс‘ објави фотографии на првата Парада на гордоста во Скопје и ништо помалку спектакуларно не очекуваме и за овој Прајд“,

рече тој.

Ангел Димитриевски, извршен директор на ЕКВАЛИС, рече дека Парадата на гордоста е само еден ден во кој ЛГБТИ-луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични.

„Не треба да заборавиме дека ова е заедница којашто е длабоко притисната да ги крие своите идентиети во приватниот простор, па дури и таму во најскриените простори: во домот, меѓу семејството, во училиште или на работа, ЛГБТИ+ луѓето се најподложни на насилство. Кога дури и во просторот каде што треба да сме најсигурни ги преживуваме најболните мигови, тогаш значи дека ова општество треба радикално да се промени“,

вели Димитриевски.

Желбата да се живее достоинствено и еднакво, според него, не е никаков каприц, туку, како што посочи, е само барање за еднакво место во ова општество кое им припаѓа на сите други граѓани.

- Реклама -