Под прочуениот портрет на Ленин, насликан во 1924 година од Владислав Измаилович, скоро еден век се криел портрет на рускиот цар Николај II, насликан во 1896 година од Илја Галкин. Тоа го потврди Татјана Поселујева – раководител на групата која три години работеше на реставрација на сликата.
Портретот на Ленин, висок четири метри, првобитно се наоѓаше пред црквата Свети Петар и Свети Павле во Санкт Петербург, а потоа во холот на школата на чие место во време на Царска Русија се наоѓал трговскиот институт. Платното е оштетено во 70-тите години на минатиот век, а реставрацијата започна дури во 2013 година, под капата на експертите од Националната академија за уметност и дизајн „Штиглиц“ од Санкт Петербург. Токму тие и го открија двојниот идентитет на сликата.
Портретот на последниот руски цар, кој заедно со семејството бил убиен во 1918 година од болшевиците, се појавил под слој од лесно растворлива боја, од што реставраторите биле мошне изненадени, истакнува Поселујева. Советскиот сликар Владислав Измаилович – авторот на портретот на Ленин, очигледно ја изработил сликата водејќи сметка да не го уништи Галкиновиот портрет на царот. Слојот од боја со кој Измаилович ја покрил и сокрил првобитната слика, реставраторите го отстраниле многу лесно – со вода и беби сапун.
„Изгледа (Измаилович) се надевал дека еден ден портретот на Николај Втори ќе биде откриен“, наведува Поселујева.
Со настојувањето да го сочува портретот на царот, вели ректорот на академијата – Василиј Кишеди, сликарот многу ризикувал.
Платното ќе биде изложено во академијата Штиглиц се до крајот на ноември, на начин што ќе овозможи да се гледаат и двата портрета.