Почна конститутивната седница на новиот собраниски состав

Почна конститутивната седница на новиот собраниски состав. Со седницата претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.

На дневен ред се избор на Верификациска комисија, верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието, место на кое ќе биде предложено да седне Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата „Вреди“.

Собранието ќе брои 120 пратеници, но на седницата се очекува да присуствуваат 118 бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки.

Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Прочитајте и:  Левица со кривична пријава против Африм Гаши поради неодземањето на мандатот на Талат Џафери

Се уште траат жалбените постапки за последното прегласување во селото Ларце во Желино и не се знае дали Вреди ќе го задржи добиениот мандат. Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди. Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, пак, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.

Со овој парламентарен состав започнува примената на новиот Деловник за работа на Собранието.

На седницата присуствуваат претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, како и претставници на дипломатскиот кор.

- Реклама -