Починал сопственик на крипто-менувачница, парите „ги понел во гроб“

Најголемата канадска биткоин менувачница – QuadrigaCX, веќе не може да тргува и загуби повеќе од 190 милиони долари во шест различни криптовалути, откако изгуби пристап до екстерниот е-паричник во кој биле чувани парите.

Имено, причина е смртта на основачот и извршен директор на компанијата – Џералд Котен, кој бил единствен задолжен за контрола на податоците и единствен кој го имал клучот за пристап до крипто-паричникот. По неговата смрт, неговата сопруга Џенифер Робертсон соопштила дека компанијата не е во можност да пристапи до системот, бидејќи никој освен нејзиниот сопруг ги немал потребните пристапни податоци.

Како што се наведува во извештајот на Врховниот суд на сојузната држава Нова Шкотска во Канада, со изгубените податоци е изгубен пристапот до шест криптовалути: Bitcoin, Bitcoin Cash (BCH), Bitcoin Cash SV (BSV), Bitcoin Gold (BTG), Litecoin и Ethereum.

До ваквата ситуација дошло токму поради неадекватното управување со целиот систем на кориснички фондови. Иако повеќето дигитални крипто-менувачници користат сличен систем за да се заштитат од хакерски напади и кражба на податоци, QuadrigaCX направила една од најголемите грешки – не креирала систем на повеќе потписи со кои може да се пристапи до екстерниот диск на кој во дигитална форма се чува е-паричникот.

Сопругата на Котен, во обид да пристапи до паричникот, побарала помош и од експерт, но без успех.

 

- Реклама -