Почина Вил Џенингс, автор на хитот „My Heart Will Go On“ од филмот „Титаник“


Американскиот текстописец Вилбур „Вил“ Х. Џенингс, кој го напиша текстот на музичкиот хит „My Heart Will Go On“ од филмот „Титаник“, почина на 81-годишна возраст, објави Hollywood Reporter.

Џенингс починал во својот дом во Тајлер, во американската сојузна држава Тексас. Негувателката на починатиот, Марта Шерод, изјавила дека Џенингс страдал од сериозни здравствени проблеми во последните пет-шест години.

Својата холивудска кариера ја започнал во 1976 година, а една година подоцна, во соработка со композиторот Ричард Кер, го напишал хитот на Бери Манилоу „Looks Like We Made It“.

Беше примен во Куќата на славните на текстописците во 2006 година, речиси десет години откако го освои својот втор Оскар за песната во изведба на Селин Дион за „Титаник“ – „My Heart Will Go On“.

Својот прв Оскар го доби за музиката од филмот „Офицер и џентламен“ и песната „Up Where We Belong“ во 1983 година.

Во раните 1990-ти, Џенингс соработуваше со Ерик Клептон на песната „Tears in Heaven“ од филмот „Rush“ од 1991 година.

Освои вкупно три Греми, два Златни глобуса и вкупно 25 различни награди.

Џенингс е роден на 27 јуни 1944 година во Тексас. Прво работел како наставник во локалниот колеџ, а потоа на Државниот универзитет во Остин.

Соработувал со уметници како Витни Хјустон, БиБи Кинг и многу други. Песните за кои Џенингс ги напиша стиховите се појавија во 325 филмови и телевизиски емисии.

- Реклама -