Утрово околу 9 часот во Ургентниот центар во Белград почина Душко Корач, легендарниот коментатор, чиј глас обележа една цела коментаторска ера. Пред околу една недела, му се слошило, додека коментирал одбојкарски натпревар.
Роден е на 4 јули 1955 во Иванград (Беране) каде живеел и завршил гимназија. Во Белград доаѓа во 1973 година каде студира економија.
Повозрасните сигурно го помнат од времето кога работеше во тогашна „Телевизија Београд“. Таму почнува со работа во 1978 година, а седум години подоцна понудено му е да работи како економско-политички новинар. Тој го кажува неговото мало „историско не“ и му останува верен на спортот.
Во 1987 година кажува уште едно „не“, кога му е понудено да биде главен уредник на спортската редакција. Тој ја одбива оваа позиција со образложение дека уредниците на РТС треба да бидат од Србија.
Неговите вести од спортските случувања ретко кого го оставаа рамнодушен. Отсекогаш спаѓал во групата контроверзни коментатори, бидејќи од една страна имаше толку подржувачи, кои повеќе преносите ги гледаа само за да му го слушаат гласот, а од друга страна жестоки противници кои ја оспоруваа неговата професионалност.
Едно е сигурно, Душко Корач овековечи коментаторска ера и ретко кој ќе го заборави неговиот карактеристичен глас и стил на пренесување, посебно оние кои се родени пред 80-тите години.