Како што тргнале нуркачите од нуркачкиот центар „Акватек“ од Охрид, наскоро од Охридското езеро ќе извадат доволно материјал за да опремат и цела куќа. Сето тоа благодарение на несовесни граѓани кои без тронка совест во езерото фрлаат отпад од секаков вид.
За потсетување, нуркачите од „Акватек“ на 14 јули пронајдоа цела када, сосе маска. Заедно со објавените фотографии, тогаш напишаа: „Некој си го реновирал клозетот. Секоја чест, Браво“. Веќе на 17 јули, кадата беше извадена.
Кадата, патем, верувале или не, ЈП Охридски комуналец сè уште ја нема подигнато од Сараиште. Туристите се чудат зошто има када на оваа атрактивна и многу посетувана локација во Охрид, пренесува порталот „Охрид1“.
Сепак, поводот што ова го читате е што вчера Охрид (недела, 21 јули), благодарение на несовесните граѓани, одновно „го поздрави УНЕСКО“ преку нов „улов“ на нуркачкиот центар. Овојпат се работи за вреќа плочки. Како што велат од „Акватек“, вреќата била лоцирана во 2018-та година. Оттаму претпоставуваат дека се работи за плочки од истиот реновиран тоалет од кој потекнува и кадата.
„Полека но сигурно до крајот на сезонава апартмачето ќе го реновираме… Рибиве шо ме гледет си викет овај не е нормален 🙂 “, коментираат на Фејсбук од нуркачкиот центар. Погледнете (за сите фотографии и видеа е заслужен Никола Паскали од „Акватек“):