
Во недела, час и половина по затворањето на гласачките места, Вучиќ го призна поразот на неговата партија и победата на Студентската листа на изборите, кои беа обележани со најголема излезност во последните три децении, при што СНС загуби со околу 600.000 гласови.
На седницата на водството на СНС, Вучиќ беше предложен за иден претседател на партијата од Милош Вучевиќ, лидерот на „напредњаците“, а изборот на новото раководство на СНС се очекува на вонредното собрание на 13-ти декември.
„Ние сме единствената политичка партија што ја преживеа обоената револуција и постои во формат и организација што има демократски и народен капацитет, и треба да бидеме горди на тоа“, рече Вучевиќ.
Оценувајќи дека „е време за нова страница во животот и делото“ на партијата, Вучевиќ истакна дека сега ѝ се потребни „нова сила и енергија, храброст, борбеност, храброст и одговорност кон граѓаните на Србија, српскиот народ и татковината“.
Вучевиќ, предлагајќи го Вучиќ за нов претседател на СНС, потврди дека партијата „со нов оптимизам и сила, колку и да е тешко, треба да биде подготвена за идните политички предизвици“.
Српската напредна партија, која се појави како фракција на Српската радикална партија, на Воислав Шешељ, дојде на власт во 2012 година. Во тој период, Вучиќ ја предводеше владата од април 2014 година до крајот на мај 2017 година, а потоа беше избран за претседател на Србија во два мандата.
Вучиќ го скрати својот втор мандат, кој ќе траеше до мај 2027 година и според српскиот Устав тој повеќе не можеше да биде избран на функцијата шеф на државата, со тоа што поднесе оставка на 27-ми септември, со намера да ја води изборната кампања „како обичен граѓанин“, нагласувајќи ја својата амбиција повторно да стане премиер доколку победи изборната листа на СНС.
Србија се соочува и со претседателски избори на крајот на декември, а Вучиќ посочи дека СНС веројатно нема да има свој кандидат.
„Нека бидат сами, нека работат сами со себе, нека најдат два-три сателита кои ќе се кандидираат со нив на претседателските избори со еден и два отсто“, рече Вучиќ претходно оваа седмица.
Во гостувањето на ТВ Информер во петокот вечерта, Вучиќ повтори дека постои можност СНС да нема претседателски кандидат, обвинувајќи ја победничката Студентска листа и нејзините поддржувачи за спроведување постизборен „револуционерен терор“.
„И како можам да ги натерам луѓето да излезат и да водат кампања под такви услови? Тоа не е можно… Не реков дека нема, но постои опција да не излегуваме бидејќи тоа не е реално во овие услови“, рече Вучиќ.



