Работно место: Сортер на пилиња
Плата: 40.000 фунти годишно (околу 4500 евра месечно)
Работно време: 12 часа
Опис на работата: Одредување на полот на младите пилиња (читај: зјапање во пилешки задници)
Британската живинарска индустрија мака мачи да најде доволно луѓе кои би се нафатиле за ова работно место. И покрај големата плата, никој не ја сака работата, а сето тоа почнува да се одразува на извозот на земјата.
Процесот на одредувањето на полот на свежо испилените пилиња не е така едноставен како што звучи. Во просек се потребни 3 години за човек да научи да ја воочи малата разлика меѓу машките и женските пилиња. Кога конечно и официјално ќе станете сортер, ваша задача е да го одредите полот за 3 до 5 секунди.
Ако преведеме на „математички јазик“, тоа значи дека на ден треба да прегледате 800-1200 пилиња. Притоа, морате тоа да го направите со 97-98 проценти точност.
Ендрју Ларџ, главен извршен директор на Британскиот совет за живинарство, објаснува: „Потребни се три години за да истренирате некого да ја развие сензитивноста и умешноста потребна за професионално одредување на полот на птицата, па многу луѓе не сакаат да потрошат толку многу време на обука. Сепак, мислам дека проблемот е во самата работа. Поминувате часови и часови секој ден, зјапајќи во задната страна од телото на пилињата. Луѓето не го сметаат тоа за атрактивно“.
Во југоисточна Азија, сортер на пилиња се смета за работно место со висок статус. Во Британија, најчесто е мета на потсмев. Во Македонија, веројатно луѓето би го работеле за минимална плата.