Четворица јапонски планинари кои биле дел од иста експедиција за искачување на највисокиот врв во Северна Америка, Меккинли на Алјаска, биле зафатени од страшна лавина и се претпоставува дека се мртви.
Потрагата по планинарите е отежната поради обилните врнежи од снег и силните ветришта, но се претпоставува дека четворицата Јапонци се веќе мртви, од закопување под снег или пак од повреди предизвикани од падот од ридот на кој ги зафатила лавината.
Експедицијата се состоела од пет планинари, кои се симнувале по стрмен рид со едно јаже. Кога снегот започнал да се лизга, Хитоши Оги, кој има 69 години, паднал во провалија длабока речиси 20 метри и на тој начин успеал да го преживее ужасниот настан.
По санирањето на повредите Оги посведочил за случката, пренесувајќи им на спасувачите дека заедно со неговите исчезнати пријатели ја забележале лавината и го забрзале спуштањето, но заедничкото јаже се скинало кога било зафатено од снегот. Тој бил најдолу на јажето и откако бил турнат во провалијата, ги побарал другите планинари, но веќе не успеал да ги здогледа.
Иако Маунт Меккинли не е особено висок врв во однoс на глобалните стандарди (6.196 метри), поради географската широчина, врвот познат уште и како Денали се одликува со многу поредок воздух. Тоа, во комбинација со ниските температури (и до -40 степени) и нестабилните временски услови го прави ова искачување исклучително опасно.
Во последниве 3 години при искачување загинале најмалку 13 планинари. Денес на планината се искачувале преку 400 планинари, а животот го завршија: Јошијаки Като (64), Масако Суда (50), Мичико Сузуки (56) и Тамао Сузуки (63). [4 missing climbers presumed dead after avalanche]