Пицула: Доколку Радоичиќ не биде екстрадиран во Приштина, можна е построга акција кон Србија

Доколку Милан Радоичиќ не биде екстрадиран во Приштина, тоа ќе ги усложни и онака тешките односи меѓу Србија и Косово, а потенцијалните реакции на меѓународната заедница може да резултираат со уште построги политички и дипломатски акции кон Србија, изјави пратеникот во Европскиот парламент – Тонино Пицула, јави дописникот на МИА од Белград.

Пицула, кој го подготви текстот на Резолуцијата на Европскот парламент за конфликтот во Бањска, ова го изјави во интервјуто за Нова.рс.

На прашањето дали верува дека премиерката Ана Брнабиќ и претседателот Александар Вучиќ знаеле за подготовките на конфликтот во Бањска, тој одговори дека е неопходно да се спроведе длабинска истрага за да се откријат сите релевантни докази и информации, за да се утврди дали знаеле за терористичкиот напад и дали на некој начин го поттикнале конфликтот.

„Важно е да се напомене дека Европскиот парламент веќе неколку пати претходно изрази длабока загриженост во врска со ситуацијата на Косово и потезите на српските власти, особено во однос на односите на Белград со Русија и Кина“, потсети Пицула.

Според неговото мислење, „ова претставува дополнителен фактор што се зема предвид кога се разгледува потенцијалната запознаеност и вклученост на српските лидери во оваа ситуација“.

Како што истакна, „истрагите и политичките реакции на ваквите настани треба да се одвиваат со целосно почитување на владеењето на правото и транспарентност за да се утврди вистината“.

„Споменатите резолуции и повиците за рестриктивни мерки укажуваат на сериозноста на ситуацијата, но конечните заклучоци треба да се донесат исклучиво врз основа на докази и стручни анализи“, објасни Пицула.

На прашањето кои конкретни мерки би можеле да се воведат, тој прецизираше дека рестриктивните мерки треба да вклучуваат, но и не да бидат ограничувани само на замрзнување на имотот и забрана за патување против „дестабилизирачките актери на северот на Косово, како што е Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за организирање на споменатиот терористички напад“.

Пицула кажа и дека нема информации од истрагата, освен достапните за јавноста и не може да ја потврди вистинитоста на сите изјави кои доаѓаат од Приштина во врска со овој случај.

МИА

- Реклама -