Писмо од Мицкоски: До сите вас кои сте разочарани од политичарите и трулежот на системот… ова е последна шанса за спас на Македонија

Во писмо до граѓаните, денес – на последниот ден од изборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за коалицијата „Обнова на Македонија“.

Во писмото, Мицкоски порача дека „ова е последна шанса за спас на Македонија“ и притоа „ги предупреди“ разочараните дека негласање ќе значи исто што и глас за власта која ги разочарала, но и оние што мислат да гласаат за помалите партии – дека тоа би било глас повторно за актуелната власт.

Во писмото, во кое Мицкоски се претставува како политичар од новата генерација и човек без хипотеки, тој ветува општество ослободено од политички притисоци, кое ќе се темели на европските вредности и правда. „Македонија е Европа, а заедно ќе ја направиме и членка на ЕУ“, вели Мицкоски, истакнувајќи дека неговиот сон е Македонија која ќе биде земја на среќни луѓе, на горда историја и наследство и на иднина која сами ќе ја изградиме.

Писмото го пренесуваме во целост:

ПИСМО ОД МАКЕДОНИЈА

Го пишувам ова писмо како сублимат од сите мои искуства и впечатоци стекнати деновиве, од сето она што го чувствувате сите вие, но и како моја обврска за понатаму.

Почитувани граѓани, драги пријатели,

Кус е периодот во кој можевте да ме запознаете, да стекнете впечаток за мене и за она што го преставувам и за што се залагам. Знам дека политичарите кои добро ги познавате, силно ве разочарале. И не ви велам безрезервно да ми верувате, но тврдам дека од вашата одлука зависи дали ќе заминат тие кои ве разочарале, и поради кои со право се чувствувате резигнирано кон политиката, или ќе продолжи оваа неподнослива и грда реалност.

Вашиот глас ги менува работите. Со негласање им давате право на оние кои ве разочарале да продолжат тоа да го прават. Вашиот глас, пак, ни дава шанса нам, новата генерација политичари, политичари без хипотеки, да ги менуваме работите. Нам ни треба држава и власт која ќе ви служи вам.

И нема идеална влада. Јас не ви ветувам чуда, но ви давам збор дека ќе работиме макотрпно и дека сигурно ќе бидеме подобри од оние што сте ги гледале досега. Зашто ниеден успех не дошол без труд и многу пот, многу откажувања и упорност. И не е коцкање ако изберете некој непознат кој ветува успех, но е прокоцкување на сопствената иднина кога му давате втора шанса на некој кој продолжува да губи и да ве разочарува.

Не живеете подобро. Тие сакаат да ја поткопаат самодовербата на народот за полесно да управуваат. Сакаат да ви влеат сомнеж и да нè извалкаат нас новите во високата политика за да се одлучите за помалото зло. Но, ова не е игра на поголемо и помало зло, туку промена која ќе донесе повеќе победи и заеднички успеси, зашто сигурно е дека со нив нема да биде подобро.

Постојат стотици причини зошто да не гласате за власта, а јас ќе ви дадам неколку силни причини зошто треба да го заокружите бројот 14 и да гласате за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Мора да си ја обновиме земјата, економски, политички општествено. Принципите и вредностите да станат начело по кое ќе се раководат политичарите. Потребни се пари за народот, а тоа ќе овозможи подобра иднина, остварување на соништата за силна држава.

Запрашајте се добро кому би му дале да ја изгради вашата куќа? На оној кој само ви ветува дека ќе ја изгради најубаво, а никогаш не ставил тула, или, пак, на оној кој знаете дека работи и вистински е подготвен за најдобрите резултати. Не смееме да се помириме со просечноста, туку мора да работиме за најдобри резултати во секое поле.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Триесетина години, од независноста до денес, лојални сте кон Македонија, време е таа сега да ви врати.

Како човек и како личност со име и чест врз која се потпира моето име, се обврзувам пред вас на обнова која ќе донесе подобрувања во првите сто дена од новата влада. Се обврзувам пред работниците да добијат поголеми плати, пред невработените да им обезбедиме работа која ќе им овозможи пристоен живот и извесност. Пред пензионерите се обврзувам да добијат повисоки пензии и помалку грижи во миговите од животот кога мирот им е најпотребен. Пред земјоделците да имаат платен труд, конечно да бидат свои на своето, а пред стопанствениците се обврзувам да обезбедиме пониски трошоци за правење бизнис, помалку даноци за државата, а повеќе пари за работниците. На младите им велам доаѓаат подобри времиња. Се обврзувам да обезбедиме општество ослободено од политички притисоци, кое ќе се темели на европските вредности и правда. Македонија е Европа, а заедно ќе ја направиме и членка на ЕУ.

Ви ветувам дека ќе се борам за правда, а тоа значи за ред, права, но и одговорност. Не смееме да дозволиме пред криминалот да се замижува, а криминалците да поминат неказнето. Сите сме еднакви пред законите. Пред словото на правдата ниту моето ниту името на кој било политичар не смее да значи повеќе од чие било друго име.

Испраќам порака до вас кои сте разочарани од политичарите, од трулежот на системот, до вас кои не гледате излез и мислите дека сите се исти. Не се сите исти. Ние сме различни. Ова е последната шанса за спас на Македонија. Спас на државата која ја создале нашите предци, а наша обврска е да ја зачуваме. Ќе се обратам и до симпатизерите и разочараните членови на СДСМ како и припадниците на обоената револуција, добро знаете дека ова што го имате денес не е она за што се боревте, а вие не робувате на работи кои се заробени.

Ако сте размислувале да гласате за помалите партии, ви порачувам дека глас за помалите партии е глас за власта. Сега е време за одговорот. Излезете и гласајте, важно е да се гласа, да го чуе Македонија вашиот глас. Од вас зависи сè. А јас сум тука за вас како човек без хипотеки. Човек кој целиот свој живот го поминал во науката и во приватниот сектор. Човек кој не е салонски политичар, туку еден од вас.

Државите се градат низ многу искушенија и големи одлуки. Мојот сон е Македонија земја на среќни луѓе, на горда историја и наследство, но и на иднина кои сами ќе ја изградиме. Нашата земја е нашето светилиште околу кое ги градиме нашите судбини, а доаѓа денот кога одлучуваме за нив. 15 јули не е само датум, туку крстосница, меѓник на кој одлучуваме за иднината на нашата земја, за нашите семејства, за вашите деца, за идните генерации.

Донесете одлука за себе, за Македонија. А јас се обврзувам дека со целата моја енергија, срце и волја ќе се вложам и нема да ве разочарам.

Исправи се, Македонијо, одбери обнова!

проф. д-р Христијан Мицкоски,
претседател на ВМРО-ДПМНЕ

- Реклама -