Се’ започна со мобилните кујни за тако, но во моментов комбињата за подготовка на храна доживуваат вистинска еволуција.
Она што почна како американски феномен набрзо достигна глобални рамки, па комбиња за подготовка на храна се појавија на фестивали и слични настани во Мелбурн, Кејптаун, дури и Дубаи, па оттаму не чуди што и Французите брзо ги прифатија во своето секојдневие. Така, францускиот производител Peugeot се реши да направи навистина луксузно комбе за подготовка на храна кое премиерно ќе биде претставено годинава.
Креиран од страна на одделот Peugeot Design Lab, Le Bistrot оди многу подалеку од вообичаениот концепт на мобилните кујни, бидејќи истиот создава поинакво искуство преку кое станува „амфитеатар на кулинарството“. Комбето е замислено да функционира како ресторан на отворено, а во неговиот радиус ќе може да седат до 30 гости. Опремата вклучува 46-инчен екран на кој клиентите ќе може да гледаат како се подготвува нивната храна, а задолжени за убава атмосфера се звучниците изработени од страна на францускиот производител Focal.
Mултифункционалната кујна вклучува плотни, рерни и фритези. Храната се чува во 400-литарски фрижидер, а за пијалаците има уште еден со капацитет од 350 литри. После оброкот, гостите може да се почестат и со кафе од специјализираната машина за еспресо.