Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека не гледа задна намера во сите пораки кои ги слушнавме изминатите денови од амбасадорката Анџела Агелер и од претставниците на САД, туку напротив, како што посочува, смета дека тие само одат во поддршка на сето она што, вели министерката, ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме.
Прашана за тоа како најавата на амбасадорката Анџела Агелер за нови имиња на „црната листа“ влијае на нашите евроинтеграциите, Петровска пред почетокот на денешната регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“, нагласува дека не само во делот на одбраната САД се наш стратешки партнер од осамостојувањето на оваа држава.
„Сите ние сме сведоци низ какви премрежија поминавме и во блиското и во подалечното минато, какви сè одлуки моравме да донесеме, коишто можеби на моменти беа тешки, беа политички предизвикувачки, меѓутоа сепак беа донесени за да можеме да ги оствариме нашите стратешки цели. Во сите оние пораки кои ги слушавме и вчера, меѓутоа и во изминатите денови, и од амбасадорката и од претставниците на САД, јас не гледам задна намера. Напротив, сметам дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме“, рече Петровска.
И како министерка за одбрана и како граѓанин, таа оцени дека корупцијата претставува безбедносно прашање.
„Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого сè ќе финансираат и на каков момент. Сега не зборуваме за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент можат да ја дестабилизираат државата на каков било начин. И ова не зборувам само за Северна Македонија, туку каде било“, рече Петровска.
Борбата против корупцијата, подвлече таа, не треба да биде декларативна, туку да се одвива во пракса. Додаде дека очекува и сега, меѓутоа и во иднина, институциите во нашата држава поагилно да реагираат.
„Се работи и на измена на законодавството со кое што во иднина ќе можеме лицата кои ќе се најдат на црни листи, или на каков било начин ќе претрпат санкции – дали тоа ќе биде од ЕУ или од нашите стратешки партнери – ќе можат веднаш без одлагање да бидат преземени мерки и во РСМ. Ова е само еден мал сегмент, меѓутоа навистина е значаен ако сакаме навистина да се справиме со корупцијата“, рече Петровска.
Таа нагласи дека конечна победа против корупцијата никој не постигнал, но тоа, вели, не значи дека треба да бараме изговори, туку напротив, треба да даваме решенија и да покажеме активности.
„Без разлика колку понекогаш е тешко да донесеме одредени одлуки, верувајте дека европската интеграција на нашата држава при минувањето на оваа точка во која што во моментот стоиме е вистинското решение и за борбата против корупцијата и за подобрување на состојбите во целото општество. Само со мало приближување, а тоа го направивме со завршувањето на процесот на скринингот и одржувањето на првата меѓувладина конференција, многу голема поддршка се отвори и за давање на Република Северна Македонија и во финансиска смисла, меѓутоа и во секаква смисла во делот на подобрување на процесите внатре во државата“, рече Петровска.
Додаде дека евроинтеграцијата не ја правиме заради големите земји и заради тоа што некој тоа го бара од нас, туку, како што вели, тоа го бараат како резултат на поддршката која граѓаните ја даваат.