Петков уверува дека Бугарија нема да ѝ даде авиони на Украина: „Камо да имавме 16 Миг-29 во летечка состојба“

Бугарија ѝ нема испратено воени авиони на украинската армија и нема намера да прави ништо слично, изјави денеска на брифинг во парламентот бугарскиот премиер Кирил Петков, во врска со информацијата дека Украина ќе добие 70 авиони од руско производство од Полска, Словачка и Бугарија, кои украинските пилоти би ги користеле за борба против руските сили и кои, според украинската морнарица (која ноќеска ја објави информацијата и покрај тоа што Петков и вчера ја демантираше), по потреба би биле базирани на територијата на Полска (која е членка на НАТО), од каде би извршувале борбени задачи.

Според таквата информација, која ја објавија украинските власти, Украина од Бугарија требаше да добие 16 авиони Миг-29 и 14 авиони Су-25.

Петков денеска увери дека тоа е далеку од вистината:

„Многу би бил среќен да имавме 16 Миг-ови во летечка состојба. Ако ги имавме, барем ќе бевме спокојни околу одбраната на нашетео небо. За жал, ние немаме 16 Миг-а кои би летале во моментов, така што таа информација воопшто не е вистинита“, изјави Петков.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Тој додаде и дека до овој момент Бугарија нема испратено никаква воена техника кон Украина.

„Секое оружје кое се изнесува, минува низ комисијата чиј претседавач е министерката за економија и индустрија – г-ѓа Нинова. Досега такво решение немало“, рече бугарскиот премиер, потенцирајќи дека Бугарија досега единствено на Украина ѝ испратила камиони со хуманитарна помош.

За обезбедување на воена логистичка поддршка, додаде Петков, треба да има решение на европско ниво, што претходно би морало да биде одобрено од Министерскиот совет и Народното собрание на Бугарија, и затоа нема начин тоа да се направи тајно.

За волја на вистината, како што наведе и Politico, шефот на Европската унија за безбедност и надворешна политика – Жозеп Борел, вчера малку ја промени првичната изјава, признавајќи дека било какви трансфери на авиони/оружје не би дошле од самата ЕУ, туку би биле донирани „билатерално“ од индивидуални земји членки.

- Реклама -