Пензионерите и клиентите без картички во Алта банка ќе можат да подигнуваат по 20.000 денари

Пензионерите и клиентите на Алта банка без картички ќе можат да подигнуваат по 20.000 денари на шалтер, а за клиентите со картички останува неделниот лимит од 10.000 денари.

7
AI-илустрација: Пензионерите и клиентите без картички во Алта банка ќе можат да подигнуваат по 20.000 денари
AI-илустрација

Пензионерите и другите клиенти на Алта банка што немаат платежни картички ќе можат да подигнуваат по 20.000 денари со едно одење на шалтер, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. За клиентите со картички останува неделниот лимит од 10.000 денари.

Славески во гостување на ТВ Телма објасни дека се подготвува список на клиентите без картички, меѓу кои има околу 3.500 пензионери, и дека тие треба да бидат известени до среда за можноста да подигнуваат готовина на шалтер.

Реклама

Според него, посебната организација ќе се спроведува особено во Битола, каде што се концентрирани голем дел од штедачите на банката. Исплатата на шалтер ќе им овозможи одеднаш да го земат износот предвиден за две недели.

Гувернерот појасни дека ограничувањето од 10.000 денари за повлекување готовина за клиентите со картички е неделно, па во текот на ноември тие ќе можат да подигнат вкупно 50.000 денари.

Народната банка претходно воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола како заштитна мерка до промената на сопственоста. Според централната банка, целта е да се обезбеди непречено работење и да се заштитат средствата на клиентите.

Славески ги повика граѓаните да имаат доверба во институциите и порача дека заштедите остануваат на нивните сметки.