Пенов: Владата има инструмент за отстранување на блокадите на приватните превозници

Владата има инструмент за отстранување на блокадите на Скопје од страна приватните превозници. Засега ситуацијата се следи и анализира, и сѐ уште не се исрпени сите можности за решение, изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во вечерашното гостување во дневникот на ТВ „Сител“.

Протестот, според него, зема сѐ поголем замав и, според она како се одвива, не е насочен кон градоначалничката на Скопје и ЈСП или кон целта што самите приватни превозници ја посочуваат, а тоа е долгот кон нив, туку добива облик на политички протест.

„ЈСП не е загрозен со овој протест, а градоначалничката не е блокирана, туку се блокирани граѓаните. Се прави многу поголема штета отколку што е долгот кон приватните превозници. Во Скопје власт е ВМРО-ДПМНЕ и тие раководат со советот, кој може да се состане и да ѝ наложи решение на градоначалничката. Наместо тоа се оди на политички памфлети и препукувања на штета на граѓаните“, рече Пенов.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

Владата, како што посочи, има инструмент да се реши проблемот и тоа е насилно да се тргнат автобусите од улиците, но додава, сѐ уште не се исрпени сите можности за решение.

„Се анализира состојбата. Да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот па Владата да презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот“, рече Пенов.

Јавниот превоз во главниот град, според него, не смеел да престане.

МИА

- Реклама -