Пендаровски: Закаријаш ги поткопа сите напори на нејзиниот колега Силва, добрата вест е што португалското претседателство заврши

„Од историчари кои се бават со политика полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи“, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски од Загреб, на заедничката прес-конференција со својот хрватски колега и домаќин – Зоран Милановиќ, прашан за коментар за изјавата на португалската министерка за европски прашања Ана Паула Закаријаш, која изјави дека спорот со Бугарија е тежок и затоа што „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот“.

„Јас навистина искрено жалам заради длабоко погрешната изјава на португалската министерка, која во суштина ги поткопа сите напори кои нејзиниот колега од истата влада – Силва, ги правеше месеци наназад, за на крајот на тоа шестмесечно претседателство да излезе со еден одличен балансиран предлог кој водеше сметка за виталните национални интереси и на Северна Македонија и на Бугарија. Добрата вест е што португалското претседателство заврши“, порача, остро, Пендаровски.

„Јас се надевам дека нашите пријатели од Република Словенија, кои го преземаат кормилото на ЕУ следните шест месеци, ќе продолжат долж истата патека – со полно уважување на виталните национални и државни интереси на двете страни. Инаку, поинаку не може да се дојде до договор“, концизен беше претседателот на државата.

- Реклама -