Пендаровски за „Катимерини“: ЕУ се движи во спротивна насока, луѓето се прашуваат дали можеби треба да се бараат алтернативни решенија

„Сѐ додека не напредуваме кон ЕУ, понационалистичките сили освојуваат терен. Ова е проблем. Кога преговараш со ЕУ, политичката дискусија е во оваа рамка, постои пат, а во спротивно доаѓаат странски влијанија и тогаш сите почнуваат да се прашуваат ‘можеби постои друго алтернативно решение наместо ЕУ?’ “, истакнал претседателот на државата – Стево Пендаровски, во интервју за грчкиот неделник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Пендаровски потсетил дека прво пречка била грчката блокада, потоа барањето на Франција за нова методологија, а сега е бугарското вето. Некои обични луѓе велат дека „можеби Бугарија не е сама во оваа блокада“, како и дека можеби поголемите и посилните земји не сакаат воопшто Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, па оттаму, граѓаните можеби се прашуваат дали треба да се бараат алтернативни решенија, констатирал Пендаровски.

Тој оценува дека „Европската унија се движи во спротивна насока“, посочувајќи ја и ситуацијата со земјите од регионот. Целосно заборавена Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора се лакмусов тест за европската интеграција, со преговори што траат со години, наспроти Хрватска која за седум години стана членка, потенцира Пендаровски.

„Европејците ретко заземаат единствен став за многу работи. Можам да ви кажам дека ако ги прашате луѓето дали ЕУ навистина го мисли она што го вели – дека еден ден ќе ја реализира интеграцијата на сите – во големо мнозинство ќе кажат ‘не’. Поради овој јаз, во изминатата година поддршката за европска интеграција во мојата земја е намалена за 20 отсто, од 85% на речиси 65%“, истакнал Пендаровски.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

За евентуалните странски влијанија во регионот, тој вели дека постојат вон-регионални играчи, а нивното влијание, според него, „го почувствувавме особено по 2018 година и референдумот за името“ кога, како што вели, преку ноќ се појавиле тврдења дека „не треба да станете членка во НАТО“, „не треба да станете членка на ЕУ“.

„Добивме помош од НАТО Алијансата во ова прашање. Во септември 2018 година, експерти од Пентагон дојдоа во Скопје, заедно со поранешниот секретар за одбрана Џејмс Матис, за да помогнат во справувањето со ова злонамерно влијание. Генерално, вонрегионалните играчи ја водат сета оваа политичка пропаганда преку регионални претставници“, објаснува Пендаровски.

Во однос на грчката поддршка на патот кон ЕУ, вели дека „Грција 25 години беше главната причина за нашата блокада, а сега е нашиот најгласен поддржувач“.

- Реклама -