Пендаровски утре на Ковачевски ќе му врачи мандат за состав на нова Влада

Претседателот Стево Пендаровски утре ќе му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, информираа од претседателскиот Кабинет.

Собранието минатата недела ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, со што започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада.

Централниот одбор на СДСМ на синоќешната седница официјално го потврди Ковачевски како кандидат за нов премиер. Формирањето на новата влада Ковачевски го најави за средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари.

Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

МИА

- Реклама -