Судскиот предмет Таргет-Тврдина, кој неодамна беше вратен од Апелацискиот суд на повторно судење, е клучниот предмет од кој произлегуваат останатите. Ако во него нема дело, нема основа за ништо од тоа што следуваше/произлезе од него, односно од објавените разговори, смета претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Со години траеше процесот. Тоа е клучниот предмет. Може да застари, а сам по себе тој предмет е клучниот. Оттука велиме прво ‘вие сте обвинети за нелегално прислушување’. Од тие снимки понатаму излегоа индиции за сите други евентуални кривични дела што се правеле. Значи, ако го немаме ова како дело, немаме ништо друго“, изјави Пендаровски во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.
Шефот на државата вели дека е зачуден од одлуката на Апелација да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење во прв степен, пред сѐ затоа што се чувала во тајност извесен период откако била донесена.
Дополнително, вели, над 20 илјади луѓе била опфатени со нелегалното прислушување и за тоа имало и сведочења.
„Некој ќе ми каже не било докажано, а имаше лични искази на луѓето кои биле прислушкувани, на министри кои биле опфатени со тоа прислушување и кои велат ‘да, тоа е мојот глас на снимката’“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека сѐ уште не е јасно дали за ваквата одлука е виновен Апелацискиот суд, или некој во основниот суд во прв степен направил процедурални пропусти со цел тие во втор степен да немаат избор освен да ја срушат таа пресуда. Затоа, според него, добро е што Судскиот совет ќе отвори процедура и ќе види што точно се случувало со овој предмет.
Пендаровски додаде дека јавноста постојано треба да следи и да бара да се разјасни овој случај и да ги прозива сите што носат такви одлуки, за да ги образложат и „јавно за да се види кој држел до словото на законот, а кој имал некакви други мотиви“.
Според него, ниту барањата на јавноста ниту неговиот апел не можат да се сфатат како притисок врз судството, затоа што, пред сѐ, судењето е завршено во втор степен, но и затоа што и да почне одново, со ова темпо со кое судиите суделе досега, следното судење веројано би почнало во 2027 година, оцени тој.
За потсетување, претходно претседателот на Фејсбук објави дека е шокиран од одлуката на Апелација.
Извор: МИА