„Шокиран сум од одлуката на Апелацискиот суд за случајот Таргет-Тврдина“, напиша на Фејсбук претседателот Стево Пендаровски по повод одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина”, во која поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор.
„Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата“, порача шефот на држават.
Апелациониот суд Скопје вчера ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“ и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, на поранешниот директор на УБК Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.