Пендаровски: Сите протерани руски дипломати се занимаваа со шпионажа, како држава нема тука избор

Сите протерани руски дипломати во последните неколку години во земјава се занимавале со шпионажа и за тоа нема дилема, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за „Гласот на Америка“. Тоа нашите служби го докажале заедно со партнерите од НАТО, вели тој.

„Во изминатите две години, без последните тројца, протеравме 18 руски дипломати кои практично имаа статус на дипломати, а се занимаваа со шпионажа. Во сите случаи, во секој поединечен случај од тие 18 и плус овие три, нашите служби, со помош на партнерските служби од НАТО алијансата докажаа до последна буква дека тие излегуваат надвор на статусот кој им е даден кога доаѓаат во Македонија, значи тие не беа дипломати и затоа беа протерани“, вели Пендаровски.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

За реципрочните мерки што ги најавуваше Москва, Пендаровски вели дека е логично Русија така да возврати, но, подвлекува, како држава сме немале друг избор, зашто било повеќе од јасно дека дипломатите ги надминувале своите ингеренции.

„Сите надлежни служби кај нас – и таа за надворешно разузнавање и таа за внатрешно, имаат заеднички извештај во однос на активностите на тие тројца дипломати и одлуката на државниот врв беше неминовна, нема тука избор, нема опција, премногу е јасно дека тие не се бавеле со дипломатски активности онака како предвидуваат виенските конвенции“, рече Пендаровски во интервјуто.

- Реклама -