„Во целост се согласувам со изјавата на министерот Филипче дека сликите од Србија изминатиот викенд се израз на солидарност, но, тоа е солидарност која државата Србија ја покажа кон десетина илјади наши граѓани. Меѓутоа, тешко дека тие слики на наши граѓани кои бараат здравствена заштита во странство, откако не ја добија во сопствената земја, се за фалење“, возврати претседателот Стево Пендаровски на реакцијата на министерот за здравство Венко Филипче за неговата изјава дека вакцинацијата на илјадници наши сограѓани во Србија е срам за нашата држава (затоа што покажува дека потфрлила во својата должност да им обезбеди здравствена заштита на своите граѓани, кои, патем, за тоа и плаќаат данок).
Пендаровски возврати и на критиката дека изостанала конкретната помош од негова страна, како претседател, во процесот на набавка на вакцини.
„Во однос на процесот на набавка на вакцини, крајно сум зачуден што министерот Филипче свесно не го споменува фактот дека првичните контакти со најголемите фармацевтски компании, кон крајот на декември мината година се направени преку мојот Кабинет и од тогаш до денес како претседател сум активно вклучен преку дипломатските канали во процесот за набавка на вакцините, што инаку е примарна надлежност токму на министерот за здравство“, порача претседателот на државата.