Процесот на вакцинација надлежните да го организираат во најдобар ред и таквата обемна операција да продолжи до целосна имунизација на населението. Прекини не смее да има, побарал претседателот на државата Стево Пендаровски на денешниот состанок на Советот за безбедност, на кој тема беше пандемијата на ковид-19 во државава.
„Тоа не го барам само јас. Верувам дека го пренесувам чувството на огромното мнозинство македонски граѓани, кои се незадоволни од она што на тој план го направивме досега. Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд од соседна Србија тоа најдобро го илустрираат“, изјави Пендаровски по состанокот.
Според него, сликите од Србија се срам за нашата држава.
„Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Едноставно, државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука.
Точно е дека како држава се потпиравме на Ковакс механизмот, кој задоцни повеќе од два месеци со испораките. Точно е дека верувавме во солидарниот фонд на ЕУ, кој иако најавен за јануари, ќе профункционира дури во април годинава. Точно е дека од петте најбогати членки на ЕУ, ниту една нема целосно вакцинирано повеќе од 5% од својата популација. Точно е дека според СЗО, овој податок е најнов – од 16 март, околу 80% од сите произведени вакцини во светот, се распределени во само 10 земји во светот. Меѓутоа, нашите граѓани тоа воопшто не ги интересира“, порача претседателот.
Одговарајќи на новинарско прашање во овој контекст, тој додаде дека не е негова или надлежност на Советот за безбедност да бараат одговорност од функционерите, бидејќи тие добиваат мандат на избори и премиерот го бира својот состав.
„Јас зборувам повеќе за една морална и политичка одговорност, не за нечија кривична одговорност или нечија смена, се знае по кои канали оди тоа во демократија. Јас овде се обидувам да го пренесам гласот на народот, на граѓаните, бидејќи и сами знаете дека имаше многу поплаки. Последниот викенд беше само врв на ледениот брег, капак – со 9-10 илјади наши граѓани што побараа здравствена заштита во соседна држава, сосема небитно која, затоа што не можеа да ја добијат во својата држава, каде што плаќаат даноци, каде што се родени, каде што живеат, каде што им се семејствата и каде што државата е должна да им пружи таква здравствена заштита“, рече Пендаровски.