Скопје, 23 декември 2021 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски прими формално известување од Собранието дека е констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, која повлекува оставка на целата Влада, информираат за МИА од Кабинетот на шефот на државата.
Собранието на Република Северна Македонија денеска на седница ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев.
Откако известувањето за оставката е доставено до Кабинетот на Пендаровски, според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
На предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски.
По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би следувало избор на неговата влада на собраниска седница.