Toj e 39-годишен инженер, доаѓа од Белгија и го привлекуваат млади мажи и деца. Вели дека неговата сексуалност е „неподнослива“ и дека сака да се подложи на евтаназија.
„Тоа е константно патење. Како да сум затвореник на сопственото тело“, вели тој за BBC под псевдонимот „Себастијан“. „Не можам да излезам надвор. Секогаш е присутно чувството на срам. Уморен сум од тоа да ме привлекуваат лица кои не би требало да ме привлекуваат. Тоа е спротивно од тоа што го сакам“.
Евтаназијата е легална во Белгија уште од 2002, и се допушта во случаи на „константни и неподносливи физички и ментални страдања“. Само во 2013 се регистрирани 1.807 случаи на евтаназија, а во 2015-та тој број порасна на 2000. Во најголем дел од светот, сепак, и евтаназијата, и асистираното самоубиство (чин на намерно помагање на другиот сам да си го одземе животот) се нелегални.
Себастијан веќе го започна долгиот процес на добивање на согласност за евтаназија со летална инекција, откако доби дозвола од еден од потребните три доктори. Тројца согласни се потребни само за психијатриските случаи; за физичките болести доволни се двајца.
Размислува за смртта уште од детството.
„Целиот мој живот ме водеше до оваа одлука. Мојата мајка имаше деменција и ментално не беше во ред“. Додава и дека членовите на неговото семејство биле строги католици и жестоко се противеле на хомосексуалноста.
„Бев осамен, повлечен и физички потиснат. Се плашев да одам надвор, да бидам постојано опкружен со луѓе“.
Кога имал 15 години, се заљубил во момче на негова возраст. Меѓутоа, не можел да ја прифати својата сексуалност. „Два пати се заљубував подоцна: во 18-годишник и 22-годишник. Чувствував олеснување што сум способен да се заљубам во млади момци кои имаа излезено од адолесценција“.
„И покрај тоа, мојата сексуална ориентација е неподнослива за мене. Не можам да ја поднесам и никогаш нема да можам…“.
Се лечи цели 17 години, но без успех – и понатаму го привлекуваат тинејџери. Признава дека гледал слики од момчиња и деца, но никогаш никого сексуално не нападнал, ниту пак на било кој начин се однесувал како што му наложува нагонот.
По обидот за самоубиство, им рекол на докторите дека смета дека е педофил. Овие, пак, не ја прифатиле неговата самодијагноза. „Ми рекоа: Измислуваш. Продолжи со животот“. Му рекле дека не е закана за децата.
„Поминав четири години во психијатриска болница, бев пациент на осум психолози, четири психијатри и еден сексолог. Дури и ѝ се предадов на полицијата во 2014-та, но тие ме пратија на друг психијатар“.
Вели дека општеството не ја разбира педофилијата, уште помалку педофилите.
„Никогаш не сум сакал да им наштетам на децата. Го немам тој импулс“. Според него, „повеќе станува збор за љубов, но општеството со право се противи на таквите врски, така што не сакам ништо повеќе. Ме чека само пекол“.
Латифа Бенари – основач на здружението L’Ange Blue во Франција, кое нуди помош на педофилите во одолевањето на тоа да им нанесат зло на другите, вели дека Себастијан стапил во контакт со нив преку мејл, пред околу шест месеци. Барал да му помогнат да умре. Бенари не губи надеж, се надева дека тој сепак ќе се реши на другата варијанта.
„На педофилите им е потребна алтернативна структура, која не ги осудува. Кога не успеале да му помогнат толку многу психолози, тоа значи дека потфрлиле во своите должности“.
Минатиот месец право на евтаназија успеа да добие една жртва на сексуално злоставување во тинејџерските денови. Имаше 20-тина години, и го доби правото затоа што не можеше да се избори со посттрауматскиот стрес, анорексијата и хроничната депресија. Докторите ја прогласија за „потполно компетентна“ и изјавија дека „депресијата, ниту пак другите пореметувања, не влијаеле на нејзината одлука“.
Во 2014-та, Белгија стана единствената земја на светот што ја легализираше евтаназијата на деца. Со тоа им дозволи на докторите да го окончаат животот на болните деца во терминални фази. Најголем број од случаите се сепак постарите лица кои патат од тешки неизлечиви болести.
Ќе биде ли и Себастијан меѓу нив? Треба ли?