
Судијката Ана Павловска Данева на конференција за уставно судство порача дека ефикасноста не значи само поголеми резултати со помалку средства, туку и достапност до Уставниот суд, навремено постапување и транспарентност. Таа ги отворила и прашањата за пренесување на оценката на законитоста на подзаконските акти на единиците на локалната самоуправа од уставното во редовното судство.
Според информациите од Уставниот суд, Павловска-Данева на излагањето на тема „Механизми за подобрување на ефикасноста на уставното судство во вршење општа нормативна контрола“ нагласила дека поимот ефикасност има пошироко значење од штедење ресурси и постигнување повеќе резултати.
Таа посочила дека тоа значи достапност до Уставниот суд, навременост во постапувањето во рамки на предметот и обемот на нормативната контрола, како и транспарентност преку објавување на издвоените мислења на судиите. Како важен механизам ги навела и интерпретативните одлуки за отстранување на неуставните значења на законските норми без нивно укинување.
Од Судот наведуваат и дека на конференцијата било отворено прашањето за редистрибуција на надлежноста за оценка на законитоста на подзаконските акти на единиците на локалната самоуправа од уставното во редовното судство, по примерот на хрватскиот модел.
Во дискусиите, според Уставниот суд, биле опфатени и развојот на уставноста, современите предизвици на уставното судство, заштитата на човековите права, вештачката интелигенција и гаранциите за фер судење пред уставните судови. На собирот учествувале претседатели и судии на уставни судови, судии на Европскиот суд за човекови права, претставници на Венецијанската комисија, високи претставници на правосудни институции и универзитетски професори.



