Каква и да е одлуката, тој ќе ја почитува – изјави кратко деновиве досегашниот директор на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, додека од владиниот врв фрчеа закани за негово разрешување, но и критики за неговиот „недозволив пркос“, кршење на законот и непочитување на претпоставените, односно на владината хиерархија. По денешната одлука на Владата и официјално да го разреши од позицијата на директор на пазарната инспекција, и покрај обидите на инспекторите да го премислат премиерот, Пауновски вели дека одлуката била очекувана за него. Во изјава за „Телма“, сепак, тој отворено го искажува своето несогласување.
„Ова за мене беше очекувано. Можам само, во духот на празниците, да порачам: Простете им, не знаат што прават“, вели кратко Пауновски.
Тој додава дека му е криво за ваквиот исход, затоа што, како што вели, меѓу него и премиерот Заев немало никаков конфликт. Ако имало конфликт, посочува Пауновски, истиот бил со шефот на кабинетот на вицепремиерот Груби, околу распределбата на рамковните вработувања.
Пауновски беше разрешен откако одби да ги вработи 35-те „рамковни“ административци кои Министерството за политички систем, со кое раководи Груби, ги распредели да станат дел од Државниот пазарен инспекторат. Пауновски си остана на зборот – не ги потпиша вработувањата дури и по цена да биде разрешен. Премиерот, пак, исто така си остана на зборот – го разреши Пауновски поради неговата непослушност.