Одморот на најјужниот јонски остров Закинтос со себе ќе донесе и едно специјално изненадување – можноста да го посетите островот на желките, Маратониси.
Малиот остров Маратониси се наоѓа во средината на заливот Лаганас и со својата специфична форма потсетува на желка што плови во морето. Тоа, заедно со фактот што ендемските желки коишто живеат на Закинтос ги користат и плажите на ова островче како место за несење на своите јајца, се причините поради кои местото го добило своето второ име „островот на желките“.
Маратониси може да се посети со една од организираните бродски тури кои тргнуваат од прекрасниот Лаганас или пак со изнајмување на бродче. А, кога ќе пристигнете на малото парче копно ќе ви се причини дека се наоѓате на некој див, тропски остров, поради тоа што песокта е неверојатно мека и ситна, а водата во непосредна близина на плажите – проѕирно чиста. Згора на тоа, Маратониси е дел од заштитеното живеалиште на ендемските желки, па поради тоа нема никакви градби на островот и сите посетители мора да бидат заминати до моментот кога заоѓа сонцето.
Иако на двете плажи на Маратониси (големата песочна плажа и помалото заливче од спротивната страна) нема ниту лежалки, ниту чадори, апсолутно ништо нема да ви недостига кога ќе го посетите прекрасното островче, бидејќи во текот на денот, местото ќе биде неколкупати посетено од бродче што нуди освежувања за туристите.
Најдоброто нешто за посетата на Маратониси е фактот што пловидбата до таму трае само 20 минути, а тоа ќе ви овозможи барем на еден ден да се преправате дека сте се изгубиле на пуст остров и вистински да се препуштите на апсолутното уживање…
Текстот е објавен во соработка со Iguana.com.mk