Патување низ Русија: Возов минува низ осум временски зони

Транссибирската железница го поврзува далекуисточниот, со европскиот дел на Русија. Железничката пруга е со вкупна должина од речиси 10.000 километри, а патувањето со воз од Москва до Владивосток, или обратно, претставува неверојатно доживување.
Ако сакате да патувате тогаш би требало да си овозможите патување во Русија и возење со Транссибирската железница, а тоа е токму името на железничката рута која што минува низ Сибир, оди од Москва па сè до Владивосток, а понатаму се поврзува со Трансмонголската линија за Улан Батор и Трансманџуриската за Пекинг.

Железничката пруга е изградена во периодот од 1891-та година, до 1916-та година и е најдолга во целиот свет, со вкупна должина од речиси 10.000 километри, поточно 9.288 километри.

Пругата минува низ Перм, Екатеринбург, Омск, Новосибирск, Краснојарск, Иркутск, Чита и Хабаровск. Возот минува низ осум временски зони, а патувањето трае дури седум дена.

Изградбата на пругата започнала во дамнешната 1891-ва година, а идејата за овој проект била сосема логична – огромното пространство на Русија и нејзините градски центри кои што се наоѓаат на двете страни на Сибир требало да се поврзат на начин на којшто би се ублажила големата просторна оддалеченост и да се овозможи ефикасно функционирање на економскиот, воениот, но и приватниот живот.

Далеку од Москва, на крајбрежјето на Тихиот океан, се развивал Владивосток (владетел на истокот), кој уште тогаш претставувал значајно пристаниште и трговски центар којшто денес има околу милион жители, широки булевари и романтични улици.

Градот до 1992-та година бил затворен за странци, а и самите Руси единствено со посебна дозвола можеле да го посетуваат.

Владивосток на истокот и Москва во европскиот дел на Русија така се поврзани со Транссибирската железница којашто е градена во исклучително тешки услови, без машини и други помошни сретства, туку со најпрости алатки, копачи и лопати. Со изградба се започнало паралелно на двата краишта, од Владивосток кон северозападот, и од Москва кон азискиот дел на Русија, преку новоизградениот мост преку Урал.

Како работници биле земени осудениците од островот Сахалин, како и редовните руски војници, за плата за 50 отсто поголема од просечната.

Транссибирската железница е дел од поголем комплекс којшто го сочинуваат и Трансманџуриската железница (води сè до Пекинг), Трансмонголската железница (се простира преку Монголија и Улан Батор и исто така води до Пекинг и најновата, градена со побавно темпо цели пет децении, Бајкалскоамурската железница.

Со распадот на СССР и отворањето на Русија кон светот, Транссибирската железница прерасна во еден вид на туристичка атракција, како за странците, така и за самите Руси.

Самиот воз којшто сообраќа по Транссибирската железница пак е приказна сама за себе. Може да патувате со прва, втора и трета класа, во двокреветни, четирикреветни и повеќекреветни купеа.

Во првиот случај цената е за 7 пати поголема од последниот, што не е страшно, бидејќи се смета дека вистинско уживање да се патува токму во најевтината, трета класа, којашто чини околу 190 евра за релацијата Москва – Владивосток.

Секако постојат и ексклузивни туристички ангажмани со приватни возови во коишто повратните карти се движат и до неколку илјади евра, во зависност од нивото на комфор и луксуз.

Во вагоните се наоѓаат по два тоалета, и вагон-ресторан, којшто воопшто не е евтин, но е прочуен по својот вагон-бар.

Сепак, со сигурност нема да останете гладни, бидејќи на секоја станица локалното население нуди домашни специјалитети за минимална сума.

- Реклама -