Охрид изобилува со места кои Бог ги обдарил со природна убавина. Едно од тие места е селото Трпејца, познато како македнското Сен Тропе кое се наоѓа на 20 тина километри од градот.
Во непосредна близина се наоѓа местото Заум, поради црквата Света Богородица Захумска, кај народот позната како Свети Заум, ова парче дивина на благите езерски води на охридскиот воден бисер е едно од последните крајезерски уточишта каде ќе бидете облагородени од вистинска и ненарушена тишина, која за жал е одамна заборавена по другите плажи.
За ова место се познати многу легенди, неодамна беше актуелна легендата за охридскиот бермудски триаголник , а една од точките беше токму Заум.
Карактеристично е што до оваа убавина нема пат по копно, туку до него се стигнува само по вода. Црквата е изградена 1361 година , изобилува со мистичност, вредност и уникатност.
Поради тоа се измислени голем број на легенди за ова место. Една од нив е следна, една девојка од Охридско сакала да го преплива езерото, но времето било непогодно и нејзината мајка се противела на тоа, не сакала својата ќерка да ја пушти во езерот на тоа невреме. Но ќерката била упорна во својата желба и тргнала. И навистина имало невреме , по што животот на девојката бил во опасност. Мајката се молела цело време за својата ќерка да остане жива, и во своите молитви ветувала дека доколку нејзината ќерка остане жива ќе изграде црква. За среќа езерото ја исфрлило девојката на брегот, токму кадешто денес е Заум. Тука мајката изградила црква која до ден денес постои, автентична . А името Заум е кованица од ЗА-УМ, што би рекле старите за ука, во сеќавање на девојката која не ја послушала својата мајка.
Извор: Зеница.мк