Пациентот со пресадено срце заминува на домашно лекување, Филипче и Заев обвинети дека ја политизираат убавата вест

Денеска Иван Огњановски – човекот кој благодарение на првата трансплантација на срце од починат донор извршена во земјава доби втора шанса за живот – заминува од Клиниката за Државна кардиохирургија на домашно лекување, објави министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук, споделувајќи неколку заеднички фотографии со пациентот.

„Горд сум што испишавме историја во јавното здравство, во кардиохирургијата. Горд сум на моите колеги кои покажаа највисока стручност во својата хумана професија. Но, пред сѐ, најдлабока почит за семејството на Емилија Динева за алтруизмот што го покажаа на дело. Покажавме дека знаеме и можеме. Продолжуваме максимално да се грижиме и понатаму за Иван и сите наши пациенти! ❤️ “, напиша Филипче.

На ваквата објава на социјалните мрежи, меѓутоа, следуваа низа реакции за фактот што на фотографиите со Филипче и Иван е и лидерот на СДСМ – Зоран Заев. Граѓаните прашуваат во кое својство Заев е присутен на испраќањето на пациентот на домашно лекување и го обвинија Филипче за политизирање на настанот.

Прецизен одговор нема ниту во соопштението на СДСМ по повод посетата, со наслов „Заев и Филипче: Со трансплантацијата на срце испишавме историја во кардиохирургијата, во следниот четиригодишен мандат повисоки плати за 40% во здравството“, во кое Филипче е наведен како „претседател на Комисијата за здравство на СДСМ“:

„Претседателот на СДСМ – Зоран Заев, и претседателот на Комисијата за здравство на СДСМ – Венко Филипче, утрово беа во посета на пациентот Иван, на кој му беше трансплантирано срце.

Иван е во добра здравствена состојба и тој денеска заминува од Клиниката за Државна кардиохирургија на домашно лекување.

На 23 мај оваа година, за првпат во Северна Македонија се изведе трансплантација на срце. Операцијата траеше 6 часа. Претседателот Заев му посака добро здравје истакнувајќи дека Иван е храбар човек.

– Ви посакувам добро здравје, вие сте храбар човек и имаме златни луѓе, здравствени работници кои се грижат максимално за нашите пациенти. Вие сте нашата гордост. Имаме вредни и учени здравствени работници. Правиме сѐ да им ги подобриме условите и да ги задржиме нашите лекари во јавното здравство. Нема повредна работа од еден спасен човечки живот – рече претседателот Заев.

Осврнувајќи се на досегашните достигнувања, претседателот Заев истакна дека во изминатите три години ги подобривме условите во над 30 јавно здравствени установи и инвестиравме во набавка на нова, современа медицинска опрема.

– Ги зголемивме и платите на лекарите специјалисти, на медицинските сестри, но и на помошно-техничкиот персонал во здравството. Со тоа, го подигнавме нивото на здравствената заштита за пациентите и овозможивме подобри услови за работа за нашите здравствените работници – истакна претседателот Заев и додаде дека во следниот мандат обезбедуваме уште повеќе инвестиции во здравството, за уште подобар здравствен систем.

Платите во здравството ги зголемуваме за 40 отсто до 2024 година, односно по 10 отсто секоја година. 33 милиони евра вложуваме во одделенијата за интензивна нега, за нивна модернизација и набавка на современа опрема.

– Ова е огромен успех за македонското јавно здравство. Со оваа интервенција испишавме историја во кардиохирургијата. Од срце се заблагодарувам на целото семејство на донорот Емилија Динева за алтруизмот и хуманоста ја ни ја покажаа на дело. Ни покажаа дека човекољубието е над сѐ. Горд сум на целиот медицински тим кој работеше на оваа операција. Покажавме дека знаеме и можеме. Направивме вистински пресврт во здравството. Срцето на Емилија сѐ уште чука, а екипата продолжува да се грижи максимално и понатаму за Иван –  потенцираше Филипче.

Пациентот Иван кој доби орган беше избран од Националната листа за чекање за срце според медицински утврдени критериуми за совпаѓање кои ги изготви и со кои раководи Министерството за здравство“, стои во соопштението.

- Реклама -